Аргентина успеа да преживее, ги задржа шансите за пласман во осмина-финалето на Светското првенство. „Гаучосите“, во Ц-групата, славеа против Мексико 2:0.
Аргентина и Мексико одиграа тврд, на моменти грд натпревар, со неколку груби стартови. Аргентина во првиот дел не успеваше да го пробие двојниот блок пред голот на Очоа. „Гаучосите“ во овој период не упатија ниту еден удар кон голот на Мексико.
Во ток сегмент не се прославија ниту Мексиканците, чија главна определба беше да го одбранат својот гол и да освојат барем еден бод. Вега го упати единствениот удар кон голот во првиот дел.
Слична игра донесоа и првите 20 минути од второто полувреме. Тогаш на сцена стапи Лионел Меси, кој до 64.минута беше речиси невидлив на теренот.
Мексиканците заборавија на него, а тој прими топка на 18 метри од голот и го матираше Очоа.
По примениот гол Мексиканците се отворија, но не направија ништо конкретно пред голот на Аргентина.
На спротивната страна Аргентина постигна уште еден гол. Енцо Фернадез, во 87.минута, постигна спектакуларен гол.
На табелата во оваа група Полска води со четири бода, Саудиска Арабија и Аргентина имаат по три, а Мексико еден бод. Во пресрет на последното сите селекции имаат реални шанси да се најдат во осмина-финалето.
За четири дена ќе играат Аргентина-Полска и Мексико-Саудиска Арабија.