Рускиот претседател Владимир Путин нема да присуствува на самитот на Групата 20 во Индонезија следната недела, изјави претставник на индонезиската влада. Како што пишува АП, со откажувањето на посетата на самитот на Г20, Путин се обидува да избегне можна конфронтација со САД и западните сојузници околу војната во Украина.
Американскиот претседател Џо Бајден, кинескиот претседател Си Џинпинг и други светски лидери треба да присуствуваат на дводневниот самит на Бали кој започнува на 15 ноември. Ова требаше да биде првиот самит на кој Бајден и Путин се заедно откако Русија ја нападна Украина во февруари.
Руската делегација ќе ја предводи Сергеј Лавров, рускиот министер за надворешни работи соопштија индонезиските власти.
Одлуката на Путин да не присуствува на Г-20 доаѓа откако руските сили во Украина претрпеа значителни неуспеси. Руската војска соопшти дека ќе се повлече од Херсон, кој е единствениот регионален главен град на Украина што Русија го зазеде, како и од влезот на полуостровот Крим.
Најавеното повлекување на Русија од Херсон, заедно со потенцијалниот прекин на борбите во текот на зимата, може да им даде можност на двете земји да преговараат за мир, изјави вчера армискиот генерал Марк Мили, претседател на Здружениот генералштаб на САД. Тој рече дека дури 40.000 украински цивили и над 100.000 руски војници се убиени или ранети во војната, која сега е во деветтиот месец.