Даниел Станчев, сопственикот на фирмата „Инвока груп“ од која обвинетиот Драги Рашковски го набавил софтверот, на начин кој според Обвинителството е незаконски, не се појави на денешното рочиште за „Софтвери“. Неговиот адвокат, Трајче Китановски, на судијата му предочи лекарска потврда, за која судијката Фанка Јанчулева Михаиловска е без архивски печат. Издадена е од поликлиника во Шуто Оризари. Според истата, Станчев треба да мирува.
„Лекарска потврда од 07.11.2022 година, кој е упатен на Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби. Лекарската е од ПЗУ Интегри Шуто Оризари, со забелешка дека кај пациентот поради природа на болеста е дадена инфузиона терапија, како и табеларна терапија, отворено боледување, треба да мирува“, кажа судијката Фанка Јанчулева Михаиловска.
Обвинетиот има боледување за седум дена, што значи дека ќе може да се појави на следното судење, закажано за крајот од месецот.
Првообвинет во предметот „Софтвери“ е Рашковски, кој се гони бидејќи обвинителката Ивана Трајчева тврди дека тој го местел тендерот за да го добие „Инвока груп“ на Станчев, а исто така, набавил софтвер кој е нефункционален. Дополнително, Трајчева докажува дека Рашковски делел хонорари на хонорарци во Влада, а потоа, дел од парите земал за него.