Поради зголемениот страв од рецесија, кинеската нула-ковид политика и зголемените резерви на САД, меѓу другото, цената на барел нафтата падна на најниско ниво од почетокот на војната во Украина. Брент нафтата вчера на берзата во Лондон затвори на цена од 94,12 долари, што претставува најниска цена од 18-ти февруари. Во текот на денот цената се спушти и до 93,60 долари за барел, пишува Ројтерс.
Денес, на берзата во Лондон цената на нафтата за септемвриските фјучурси се полека се искачи, но сепак уште е под 95 долари.
Неделава, цената на нафтата доживеа голем пад откако беше објавено дека резервите во САД се поголеми од очекуваното бидејќи потрошувачката паѓа поради високите цени на дериватите. Кина која е најголем увозник на нафта и деривати придонесува за падот поради својата ковид политика на затворање на ризични области.
Стравот од економски пад во Европа и во САД кој може да донесе рецесија е најголемата причина за падот на цената особено откако земјите од ОПЕК + се согласија да произведуваат 100.000 барели нафта повеќе на дневно ниво (0,1% од светската побарувачка) во услови на намалена побарувачка.
-Сепак разговорите за рецесија се се погласни и можно е таа да стане реалност во услови на неизбалансираност, изјавил за Ројтерс, Крег Ерлам, берзански аналитичар од Лондон, кој очекува и пад на нафтата под 90 долари ако продолжат надолните економски трендови.