Во Брисел денеска ќе биде одржана првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и Европската унија. Земјава 17 години имаше кандидатски статус.
Пред одржувањето на Меѓувладина конференција, премиерот Димитар Ковачевски кој ја предводи владината делегација ќе има средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Синоќа Советот на ЕУ со одлуката да ги закаже првите меѓувладини конференции со Македонија и со Албанија, ги усвои и преговарачките рамки за двете земји. Бугарија пак ја објави унилатералната изјава за македонскиот јазик. Во Декларацијата се вели дека упатувањето во документите на ЕУ на официјалниот јазик на Република Северна Македонија во никој случај не треба да се толкува како признавање на „македонскиот јазик“ од страна на Република Бугарија.
Според најавите денеска почнува скринингот за Македонија. По завршувањето на овој процес за продолжување на преговрите Македонија ќе треба да направи уставни промени. Со измените на Уставот во делот каде што се наведени „албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ…” ќе треба да се додадат и граѓани кои се дел од други народи, каков што е бугарскиот народ.