ВИДЕО: СДСМ тврди дека Владата ќе го прифати Францускиот предлог, Владата реагира дека се хистерични

Од:

СДСМ денеска обвини дека Владата предводена од Христијан Мицкоски подготвува прифаќање на Францускиот предлог и оти, според нивни информации од Брисел, за тоа веќе постои договор со европските партнери.

На прес-конференција, членот на Извршниот одбор и секретар за меѓународна соработка на СДСМ, Андреј Жерновски, рече дека „тајниот план“ за кој говорел министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски е „тајна само за гласачите на ВМРО-ДПМНЕ“.

Жерновски тврди дека од Брисел, Берлин и Париз пристигнале јасни сигнали дека Владата се подготвува да го прифати Францускиот предлог, оценувајќи дека сите претходни објаснувања на власта за можни измени или посебни услови за преговарачкиот процес со Европската Унија се покажале како неточни.

Според него, Владата сега се обидува да ја претстави како успех политика која претходно ја критикувала, со цел да го оправда предизборниот наратив пред своите гласачи.

Жерновски посочи и на, како што рече, променетите ставови на министерот Муцунски, наведувајќи дека тој признал оти македонскиот јазик и идентитет не се доведени во прашање, како и дека Вториот протокол не е дел од преговарачката рамка. Воедно потсети и на изјавите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова дека јазикот, културата и националниот идентитет се заштитени со Преспанскиот договор, како и на позитивните оценки на Муцунски за членството на земјата во НАТО.

Од СДСМ порачаа дека во наредниот период ќе стане јасно дека нивните политики во однос на евроинтеграциите биле исправни и дека, како што наведоа, ВМРО-ДПМНЕ дошла на власт со ветувања кои сега не може да ги исполни. Во партијата оценуваат дека следува „победа на политиките и визионерството на СДСМ и пораз на политиките и лагите на ВМРО-ДПМНЕ“.

Владата ги отфрли обвинувањата на СДСМ дека постои таен договор за прифаќање на Францускиот предлог, оценувајќи дека станува збор за „обид за создавање хистерија и дезинформирање на јавноста“.

Во реакцијата се наведува дека тврдењата за постоење тајни договори или преговори се „измислици“ и дека институциите редовно и транспарентно комуницираат со земјите членки на Европската Унија, европските институции, Бугарија и другите меѓународни партнери.

„Позицијата на Владата е јасна и повеќепати јавно потврдена. Нема отстапки од националните интереси, идентитетот, јазикот и историјата. Полноправното членство во Европската Унија останува стратешка определба и крајна цел на оваа Влада“, се наведува во соопштението.

Од Владата посочуваат дека разликата во однос на претходната власт е во начинот на водење на надворешната политика, тврдејќи дека денес таа се води „одговорно, принципиелно и во согласност со националните интереси и волјата на граѓаните“.

Во реакцијата се наведува и дека СДСМ, наместо да понесе одговорност за, како што велат од Владата, штетата врз националните и надворешнополитичките позиции на државата, повторно пласира невистини.

Владата исто така оцени дека СДСМ преку вакви прес-конференции се обидува да им се додворува на „одредени политички кругови во соседството“, наместо да ги брани интересите на државата, додавајќи дека сите одлуки на Владата и Министерството за надворешни работи се носат транспарентно и во согласност со утврдените државни позиции.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Нови случаи на заболени во Гостивар, има и реинфекции: СДСМ обвинува дека власта пет недели нема решение

СДСМ: Пет недели гостиварци се мачат без вода, бадијала ветувањата на Мицкоски

Катерина Ѓуровски

ВМРО-ДПМНЕ: Мали Фрчко да го пријави Филипче – 400 испитувања покажале неисправна вода во Гостивар, а тоа се криело

СДСМ поднесе кривична пријава против Клековски, Андоновска, Лазов и Амети за случајот со водата во Гостивар

Мицкоски: Жртвата на бранителите – трајно потсетување дека мирот, слободата и безбедноста имаат своја цена

На СДС и Филипче им пречи независноста и сега се против македонското знаме кое двапати го менуваа, реагира ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски