Претседателот на Тунис, Каис Саид разреши 57 судии, обвинувајќи ги за наводна „корупција и заштита на терористите“.
Како што јавуваат странските агенции, Саид спроведува чистка откако претходно оваа година ја презеде контролата врз судството и другите гранки на власта.
Во телевизиското обраќање во средата, Саид рече дека „дава можности и можности и предупредувања за судството да се прочисти“, а неколку часа подоцна службениот весник издаде указ со кој ги објави отпуштањата.
Меѓу отпуштените е и Јусеф Бузакер, поранешниот претседател на Врховниот судски совет, чии членови Саид ги смени оваа година кога ја презеде контролата врз судството.
Советот дејствуваше како главен гарант за независноста на судството од револуцијата во Тунис во 2011 година, која воведе демократија, а промените на Саид предизвикаа обвинувања за мешање во судскиот систем.
Минатото лето, тој ја распушти владата и ја презеде извршната власт, потег што неговите противници го нарекоа државен удар, пред да го укине уставот од 2014 година за да владее со декрети и да го распушти избраниот парламент, а независната изборна комисија ја замени со онаа што самиот ја постави.
Саид рече дека неговите потези се потребни за да се спаси Тунис од кризата, а исто така најави дека овој месец ќе донесе нов устав кој ќе биде ставен на референдум во јули.
Извор: МИА