Страницата на Бирото за јавни набавки петти ден е недостапна за корисниците, а инсајдери алармираат дека се работи за успешен хакерски напад. Инсајдерите јавуваат дека бил избришан целиот бекап, а за враќање на основните податоци хакерите побарале откуп во биткоини.
„Извршен е таканаречен ‘ransomware’ на Бирото за Јавни набавки. Избришан е целиот бекап, а основните податоци се криптирани од страна на хакерите и се бара откуп во биткоини“, велат инсајдери за „А1он“.
Нападот „ ransomware“ претставува криптирање на податоците, а за враќање на податоците односно нивно декриптирање потребен е клуч за кој хакерите бараат откуп, овој пат, според инсајдерите, во биткоини.
Стопирани се сите јавни набавки на институциите и претпријатијата, нема никакви објави од договорните органи дали огласите за јавни набавки кои се во тек ќе бидат пролонгирани, а таква информација нема ниту од Бирото за јавни набавки.
На официјалната страница за јавни набавки стои само известување дека сервисот е привремено недостапен поради технички проблеми.
„Поради сериозни технички проблеми со инфраструктурата, сервисот во моментот е недостапен, по надминување на проблемот ќе бидете информирани.
Сите рокови (јавни отворања/крајни рокови/аукции) ќе бидете продолжени соодветно, согласно со Правилникот за начинот на користење на Електронскиот систем за јавни набавки“, стои во известувањето на страницата на Бирото за јавни набавки.
На телефонските броеви на Бирото за јавни набавки или никој не одговара или по неколку ѕвонења повикот се исклучува, па нема официјална потврда за каков напад се работи.
Никој не одговара ниту на телефоните во Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти.
Извори за „А1он“ велат дека се стравува од трајно бришење на архивата на Бирото за јавни набавки што остава простор за манипулации со информациите за минати тендери.