Европол денес соопшти дека еден тинејџер е осомничен за предводење на „KillSec“, криминална хакерска група што врши онлајн уцени, и потврди дека полицијата заплени сервери и блокираше веб-страница користена за протекување податоци.
Наведено е дека се извршени вкупно три апсења и осум претреси во четири европски земји како дел од операција насочена против оваа организирана банда сајбер-криминалци, поврзана со околу 1.000 напади ширум светот.
Оваа криминална хакерска група ја користела својата веб-страница за изнудување откупнина од уценети организации, заканувајќи се дека ќе ги објави украдените датотеки.
Акцијата била дел од операцијата „KillSwitch“ – меѓународна истрага предводена од германските власти, насочена кон расветлување на околу 1.000 сомнителни напади ширум светот.
Истражните органи го идентификуваа 16-годишник како наводен главен оператор на групата, приведени се уште тројца осомничени, а извршени се претреси на осум локации во Грција, Романија, Шпанија и Обединетото Кралство.
„KillSec“ крадеше чувствителни податоци преку искористување на ранливости и слабо обезбедени пристапни точки во компјутерските системи на организациите, а досега се успешно идентификувани повеќе од 500 сомнителни напади.
Операцијата била предводена од Државната криминалистичка полиција на Хамбург и Јавното обвинителство на Хамбург.
Во истрагата учествуваа надлежните служби на Белгија, Финска, Германија, Грција, Холандија, Романија, Шпанија, Швајцарија, Обединетото Кралство и САД, заедно со Европол и Евроџаст.
