Од кориснички сметки на Polymarket синоќа исчезнале најмалку 2,6 милиони долари, откако хакери искористиле технички пропуст на интернет-страницата на оваа платформа за обложување на идни настани, пишува „Волстрит џурнал“.
Од компанијата потврдија дека средствата на корисниците биле загрозени и дека привремено го запреле тргувањето на својата меѓународна берза додека не го отстранат проблемот.
Polymarket е најголемата светска интернет-платформа за обложување на реални настани, базирана на криптовалути. Наместо на спортски натпревари, како во класичните обложувалници, корисниците вложуваат пари на одговори „да“ или „не“ на стотици различни прашања.
Тие се однесуваат на геополитиката, исходите од претседателските избори во САД, движењето на каматните стапки и цените на акциите, па сè до добитниците на Оскар и датумите на лансирање нови технологии.
Веројатноста за одреден настан се прикажува во проценти врз основа на понудата и побарувачката. Како што корисниците вложуваат пари на одреден исход, така расте цената на таа опција.
Платформата стекна глобална популарност за време на последните американски избори, кога медиумите и берзанските аналитичари често ги цитираа нејзините проценти како посигурен показател за расположението на гласачите од класичните предизборни анкети.
Овој упад е последен во низата безбедносни инциденти со кои се соочува Polymarket во текот на годинава, во период кога компанијата се обидува да ја задржи водечката позиција на едно од најатрактивните нови пазари на Волстрит.
Наглиот раст на популарноста на обложувањата со одговори „да“ или „не“ привлече засилен надзор од сојузните држави, законодавците во Вашингтон и казината.
Polymarket и нејзиниот главен американски конкурент Kalshi се соочуваат со десетици судски спорови околу прашањето дали ваквите пазари претставуваат финансиски деривати регулирани со закон или, всушност, нелегално коцкање.
Извор запознаен со случајот наведува дека нападот бил овозможен преку безбедносен пропуст во DebugBear, надворешна софтверска алатка за следење на перформансите, која се користела на интернет-страницата на Polymarket.
Истиот извор додава дека Polymarket го пријавил случајот во полицијата во Велика Британија, каде што се наоѓа седиштето на DebugBear.
Анализата на активностите на сомнителен криптопаричник на блокчејнот, што ја направи „Волстрит џурнал“, покажува дека од корисничките сметки на Polymarket биле повлечени повеќе од 2,5 милиони долари. Податоците откриваат дека напаѓачите успеале да извлечат пари од повеќе од 700 сметки.
Интернет-страницата на DebugBear во четвртокот попладне не беше достапна, а компанијата не одговори на барањето за коментар.
Претходно истиот ден, DebugBear на социјалната мрежа Икс објави дека е погоден од „безбедносен инцидент што сè уште е во тек“. Компанијата ги предупреди клиентите што користат еден од нејзините производи веднаш да го отстранат вградениот програмски код од своите интернет-страници.
„Волстрит џурнал“ уште во септември објави дека американската платформа Polymarket во текот на годинава се соочила со најмалку два големи случаи на измама, проследени со регулаторни пропусти и правни спорови.
Компанијата веќе разговарала со инвеститори за можноста за излегување на берза (ИПО) следната година, а во последните месеци во раководството довела поискусни менаџери.
По објавите на социјалните мрежи, од Polymarket соопштија дека го отстраниле проблемот поврзан со надворешниот добавувач на софтвер и дека целосно ќе им ја надоместат штетата на сите корисници кои изгубиле пари.
Платформата и во јуни се соочи со безбедносен упад со слично високи финансиски последици.
Инаку, Polymarket има деловно партнерство за размена на податоци со медиумската куќа Dow Jones, издавач на „Волстрит џурнал“.
