Од Шанса за Центар велат дека по објавувањето на стравувањата за можно разрешување на урбанистичкото уредување на подрачјето на фабриката „Треска“ на начин на кој ќе се занемари јавниот интерес, биле цел на организирана кампања полна со манипулации, невистини и закани.
„Истовремено, со нашиот настап предизвикавме и реакции, со кои за жал се потврдуваат нашите стравувања.
Од реакциите на општината и градоначалникот Герасимовски јасно е дека тие не планираат ниту да ги објават, ниту да ги спроведат идејните решенија од конкурсот за „Треска“, иако за нив има одлука на Советот со која Советот го задолжува градоначалникот, а целата постапка е спроведена со пари на граѓаните. Со неспроведувањето на одлуките на советот, градоначалникот се става над Советот. Притоа, не одговара на прашањето врз која основа е одлучено дека овој конкурс не треба да се спроведува, а задолжението да не се почитува.
Во одговорите кон нашата прес-конференција се инсинуира дека Шанса за Центар тврди дека „земјиштето ќе се продава незаконски“ иако ние многу јасно посочуваме дека за отуѓување на ова општинско земјиште е можно да се употребат законски механизми со кои процесот би можел да се одвива со исклучување на јавноста, на граѓаните и на Советот на општината, а со тоа и без грижа за јавниот интерес.
Општината и градоначалникот, настапуваат како да се засегнати во врска со прашањата, зошто не се сменети досега законите со кои се овозможува распродажба на земјиште преку постапка за дооформување на парцели, или приватизација по багателни цени. Потсетуваме дека прашањата се упатени до Владата, а не до општината.
Шанса за Центар е зачудена од реакцијата и заканите на т.н. сопственици на приватни парцели во „Треска“. Прашањето е што и како се планира со 47% од земјиштето кое е во државна сопственост и во надлежност на Општина Центар. За имотот на општината советниците имаат обврска да се грижат и да одлучуваат како што налага Членот 36 од Законот за локална самоуправа.
Понатаму, Герасимовски вели дека е манипулација тврдењето дека тој одбива да соработува со Партиципативното тело за урбанизам, но притоа не дава пример како доказ од таа соработка со ова тело кое е оформено согласно Законот за урбанистичко планирање.
Во своите реакции општината и градоначалникот тврдат дека бараат решение со кое ќе се избегнеле наводни „милионски штети на грбот на граѓаните“. Не е јасно за какви штети може да стане збор, ако општината одлучи да не го продава СВОЕТО земјиште, туку самата да ја определи намената за што тоа ќе служи. Нагласуваме, не зборуваме за приватно земјиште, туку за земјиште кое е имот на општината.
Шанса за Центар смета дека заканите со тужби за милионски суми од страна на сопствениците и плашењето на граѓаните со нив од градоначалникот се само обид за да се најде оправдување за постапките што ќе следуваат.
Го повикуваме градоначалникот и Општината на транспарентност во целата постапка и вклучување на Советот во одлучувањето што не само што не е спротивно на ниту еден закон, туку е и обврска од Законот за локална самоуправа.
Уште еднаш повикуваме градоначалникот да одговори на следните прашања:
Колку од државното земјиште ќе биде продадено на подрачјето на „Треска“ преку дооформување на парцели?
Врз која основа одлучил без да има одлука на Советот да не ги објавува резултатите од конкурсот?“, се наведува во соопштението на Шанса за Центар.