Околу четирисет лица, за кои се препоставува дека се илегални имигранти од Индонезија, се водат како исчезнти, откако малиот брод со кој патувале се превртел во близина на бреговите на Малезија.
Како што соопшти малезиската поморска агенција, се претпоставува дека на бродот имало 44 лица.
Станува збор за Индонезијци кои илегално живееле и работеле во Малезија и кои се враќале во својата татковина во пресрет на празникот Рамазан Бајрам.
Според претставникот на агенцијата, Амран Дауд, бродоломот се случил крај бреговите на малезиската сојузна држава Џохар во јужниот дел на Малајскиот Полусотров. Бродот патувал кон индонезискиот остров Батам, кога бил зафатен од невреме, проследено со силен ветер и големи бранови.
Спасувачите екипи досега пронајдоа четворица преживеани патници на бродот. Потрагата по останатите исчезнати, меѓу кои има и жени и деца, продолжува.