Македонските одгледувачи на свињи ќе бараат порадикални мерки за да се спречи ширењето на африканската свинска чума. Бојан Ѓорѓиевски од Здружението на одледувачи на свињи „Македонско прасе“ вели дека порадикалните мерки ќе се однесуваат за високоризичните одгледувалишта, а ќе се однесуваат на нивна поголема контрола од институциите.
Според него, афиканската свинска чума е заразно заблоување, кое не е опасно за луѓето, но доколку се појави и еден случај во една голема фарма се ништат сите свињи.
Одгледувачите на свињи во моментов и официјално ги чекаат резултатите од Агенцијата за храна и ветеринарство, кои треба да кажат дали заразата во делчевско Драмче е од дива свиња.
-Ова е како корона вирус кај свињите. Во рок од три до пет дена може да угине цело стадо. Не постои вакцина против неа и единствено може да помогнат биосигурносните мерки. Не се пренесува на луѓето, а месото може да се користи со термичка обработка. Ќе чекаме од АХВ да видиме дали и официјално заразата е дојдена од дива свиња, по што ќе ги кажеме и нашите предлози за справување со болеста, вели Ѓорѓиевски.
Тој најави дека во вторник ќе имаат прес-конференција во Скопје, кога ќе ги презентираат нивните барања.
Во земјава од свињарството директно или индиректно живеат околу 10.000 семејства, дури 60 отсто од свињите се одгледуваат во индивидуални стопанства. Станува збор за бизнис од 100 милиони евра, пари кои остануваат во македонската економија.