Втората епидемија на болеста ебола оваа година во Демократска Република Конго и официјално е прогласена за завршена, соопшти Светската здравствена организација (СЗО), пренесе ДПА.
Источната провинција Северен Киву, каде што на 8 октомври беше пријавен првиот случај, беше зафатена од епидемијата, а во овој период вкупно 11 лица се разболеа од ебола, додека уште три се воделе како сомнителни случаи.
Шест од пациентите, меѓутоа, починале од ебола, пренесе ДПА.
Претходната епидемија во Северен Киву беше официјално прогласена за завршена во мај.
Сите случаи се регистрирани во близина на градот Бени, каде што епидемија на ебола веќе имаше од 2018 до 2020 година, кога беа откриени речиси 3.500 случаи, а починаа 2.299 лица.
Бени е комерцијален центар во регионот со блиски врски со соседните Руанда и Уганда.
Инфекцијата со ебола вобичаено е проследена со висока температура и внатрешно крварење и е опасна по животот.