Доаѓа сезоната на празници, а досега најзаразната варијанта – омикрон, сè повеќе се шири во светот

Од:

Додека случаите на инфекција со омикрон варијантата на коронавирусот се множат низ целиот свет, научниците се обидуваат да ја карактеризираат силно мутираната варијанта за да сфатат како се шири и да ги измерат новите ризици за време на овој бран на пандемијата.

Прелиминарните студии објавени овој месец понудија некои индиции за ефикасноста на вакцините против варијантата омикрон и за тоа дали таа предизвикува потешка болест, но многу работи се уште се неизвесни и потребно е повеќе време и повеќе истражувања за да се дојде до заклучок.

Варијантите како омикрон се најголемата закана за евентуален крај на пандемијата – и научниците предупредуваат дека нови варијанти ќе продолжат да се појавуваат се додека вирусот се шири.

Омикрон варијантата содржи повеќе од 30 мутации на шилести протеини на вирусот, кои ја покриваат надворешната страна на вирусот и се главни цели на вакцините и третманите како што се оние со моноклонални антитела.

Можно е мутациите да помогнат варијантата полесно да се шири и да и овозможат да ги избегне заштитните антитела генерирани од вакцините или преку природниот имунитет од претходните инфекции.

Светската здравствена организација вчера констатираше дека омикрон сојот се шири со исклучително голема брзина и дека досега бил потценет. Според генералниот директор на организацијата Тедрос Аданом Гебрејсус, иако болеста е со полесни симптоми, бројот на заразени може да ги преоптовари здравствените системи, особено во помалку развиените земји.

Во моментов, случаи на омикрон се официјално пријавени во 77 земји, но вирусот најверојатно циркулира во повеќе држави.

Тедрос смета дека омикрон не може да се запре само со вакцинација, туку дека се потребни и санитарни мерки како лична хигиена, носење маски, проветрување.

За брзото ширење на омикрон сведочи фактот дека во последните 11 недели има 100.000 смртни случаи – најмногу за толку краток временски период. Споредбата се базира со зимата 2020 година.

Прелиминарните докази укажуваат дека вакцините би можеле да бидат помалку ефикасни против инфекции и трансмисии поврзани со омикрон варијантата, која има поголема способност за реинфекција, соопшти вчера Светската здравствена организација.

СЗО наведе дека се потребни повеќе податоци за подобро да се разбере степенот до кој Омикрон може да го избегне имунитетот стекнат со прележан Ковид-19 или со вакцините. – Како резултат на сето ова, вкупниот ризик поврзан со сојот Омикрон останува многу висок, се додава во извештајот.

Омикрон варијантата на коронавирусот се очекува да стане доминантна во Европа во првите два месеци од 2022 година, соопшти вчера Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ).

Се очекува дополнително брзо зголемување на бројот на случаи на омикрон во Европската економска област (ЕЕА), предвидува здравствената агенција на ЕУ со седиште во Стокхолм во проценката на ризикот. ЕЕА ги вклучува 27-те земји на ЕУ, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн.

Епидемиолошката ситуација во регионот во моментов сè уште се карактеризира со висок број случаи и ниска стапка на смртност, која сепак полека се зголемува, пишува ЕЦДЦ.

Се уште преовладува варијантата делта. Според моделот на предвидувањето, сепак, омикрон веројатно ќе стане доминантна варијанта во ЕЕА во првите два месеци од следната година.

Ова зависи од „распространувањето поврзано со заедницата“ во споредба со делта и степенот на „значително намалување на ефективноста на вакцината“. Се смета дека е многу веројатно дека омикрон ќе предизвика дополнителни хоспитализации и смртни случаи.

– Следните месеци ќе бидат тешки, истакна еврокомесарката за здравство Стела Киријакидес. Омикрон се очекува да дојде во голем бран и да изврши нов притисок врз здравствените системи, рече таа.

– Додека Европејците се подготвуваат за празничната сезона, рече таа, не треба да се заборави на претпазливоста. Вакцинацијата со засилувачки дози треба да биде пресвртница, рече комесарката.

Директорката на ЕЦДЦ Андреа Амон, од своја страна, истакна дека земјите треба да ги зголемат своите напори за целосно вакцинирање на луѓето кои сè уште не биле вакцинирани и да дадат засилувачки вакцини што е можно поскоро.

Меѓутоа, само вакцинацијата не е доволна во сегашната ситуација. Нефармацевтските мерки – како што се носење маски и одржување безбедно растојание – исто така треба брзо да се воведат или зајакнат, рече таа.

– Бројот на заразени со варијантата омикрон во моментов се удвојува на секои два до три дена, изјави претходно претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

– Научниците очекуваат омикрон да биде доминантна варијанта во повеќето европски земји веќе во јануари, рече Фон дер Лајен пред Европскиот парламент во Стразбур. „Овој развој е најзагрижувачки“.

– Но, 66 отсто од европската популација – 300 милиони луѓе – сега е целосно вакцинирани, при што на 62 милиони луѓе исто така им се дадени засилувачки дози кои се покажаа дека нудат најдобра можна заштита во моментов против омикрон, нагласи таа.

Би можело да ве интересира

Научниците алармираат поради новата варијанта на Ковид-19

Горан Наумовски

Прва тужба во Германија поради последиците од вакцината против корона на Фајзер

Ана Ололовска

Кинески научник: Можно е пандемијата да започнала со истекување на вирусот од лабораторија

Ана Ололовска

СЗО прогласи крај на пандемијата на коронавирус

Ана Ололовска

Шефот на СЗО: Не можеме да знаеме како настанала короната додека Кина не ги објави своите податоци

Ана Ололовска

Се појавија нови информации за потеклото на короната: СЗО бара Кина да ги објави

Катерина Ѓуровски