(ВИДЕО) Обвинителството да не го крие злосторничкото здружување за парцелите кај „Холидеј Ин“, не ни требаат дваесеткатници

Од:

Јавното обвинителство да го открие злосторничкото здружување и да ја поправи грешката направена со планот за уредување на просторот спроти „Холидеј Ин“, побараа преку протест вечерва неколкумина граѓани организирани од „Зелен хуман град“ и „Шанса за Центар“.

Дождот и лошото време не ги спречија граѓаните да дојдат пред Обвинителството во Скопје за јавно да побараат да се постапи по инцијативата на Државната комисија за спречување корупција за утврдување одговорност за донесување на планот кој на просторот спроти “Холидеј Ин“ предвидува изградба на три шеесеткатници, на чие место почна да се гради дваесеткатница, прва од планираните три висококатници.

„Што ќе ни се згради кога нема воздух“, „Уште колку воздух ни остана?“, преку транспаренти прашуваа скопјани.

Драгана Велковска од „Зелен хуман град“ рече дека тие инсистираат институциите да ги соопштат имињата на луѓето кои се вклучени во злосторничкото здружување за уништување на просторот, но досега од ниедна институција не добиле одговор. Таа уште еднаш посочи дека вината за бетонизирањето на просторот спроти „Холидеј Ин“ е на повеќе нивоа и кај повеќе институции.

„Вината е во различни нивоа од владеењето бидејќи прво со самото донесување на еден таков план непосредно пред да биде новиот Генерален урбанистички план донесен, понатаму продажбата на земјиштето од страна на Министерството за транспорт и врски и сега непостапувањето и на Државниот инспекторат за урбанизам и непостапувањето на Јавното обвинителство. Во целиот синџир на одговорности секаде, на секое ниво во институциите се наоѓа проблем и е јасно дека ова е најверојатно злосторничко здружување бидејќи едноставно нема друго објаснување“, рече Велковска.

Таа потсети дека висококатниците се градат по детален план кој е спротивен на Генералниот урбанистички план, ја зголемува грустината на населението за дури 9 пати и како таков не смее да се спроведува.

„Ако се спроведе ова што сега се обидува да се направи спроти Холидеј ин, овој предел ќе биде најгусто населен регион во светот, таму ќе има енормна зголеменост на максималниот број на жители и ќе има крајно нехумани услови за живот. Ако смета некој дека тоа треба да се дозволи, тогаш нека излезе и нека каже, меѓутоа ние сметаме дека едно такво злоупотребување на граѓаните, едно такво изигрување на правото, односно газење и погребување на правната држава во земја која наводно се претставува како демократија не смее да се дозволи. Тие луѓе кои сега велат дека се оштетени и живеат на тој дел, можат да бидат обесштетени од централниот буџет на Република Македонија, ако Општината нема доволно средства“, рече Велковска.

Архитектката Даница Павловска посочи дека Обвинителството е клучната институција што може да најде решение кое е неопходно за да се исправат грешките од минатото за тие да не повторуваат.

„Сакам да потенцирам дека ова место како избор за протест не е случајно, со оглед дека целата ситуација би можела да се разреши токму во Јавното обвинителство и да добие еден друг тек што би значело да се поправат грешките од минатото кои што сме ги наследиле, и притоа да се разреши она што значат првите следни чекори. Јавното обвинителство има моќ многу поголема од ние како невладин сектор и вонпартиски дружења и во таа смисла апелирам за побрзо расчистување на предметот и создавање на една вистинита приказна, а можеби и разоткривање на одредени коруптивни односи поврзани за овој простор и целиот бизнис проект кој трае неколку години“, рече Павловска.

Во април годинава Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) иницираше постапка за барање одговорност од поранешните градоначалници на Општина Центар Владимир Тодоровиќ и Андреј Жерновски поради усвојување на Деталниот план за уредување на просторот кај „Холидеј Ин“ со шеесеткатници. Планот од 2012 година е спротивен на параметрите од Генералниот урбанистички план за Скопје според кои во тој период не била дозволена густина на населението поголема од 500 жители по хектар. ДКСК посочи дека одговорност треба да се бара и од раководителот на секторот урбанизам во Општина Центар, од раководителот на Секторот за уредување на просторот во Министерството за транспорт и врски, од раководителот на Секторот за планирање и уредување на просторот во Град Скопје и од двајца планери од „Билд“ кои го изработувале планот. Сите лица учествувале во подготвување и одобрување на планот кој не е во согласност со ГУП, но сепак бил изработен и усвоен.

Така усвоениот ДУП подоцна им овозможил на Македонската православна црква и компанијата „МГ фешн“ како сопственици на една третина од земјиштето, да направат окрупнување на парцелата со откуп на државно земјиште по цена од 19.200 денари или 312 евра за квадрат. На тој начин тие откупија 9.048 квадратни метри државно земјиште со кои станаа сопственици на вкупно 13.653 квадратни метри.

Минатата година Државната комисија за спречување на корупцијата утврди дека во вој случај е вмешан и поранешниот градоначалник на Општина Центар Саша Богдановиќ, кој издал извод на Деталниот план со шеесеткатниците на „МГ Фешн“ и МПЦ, но на него не ставил забелешка дека планот е под мораториум, а токму тој извод од планот бил основа Министерството за транспорти врски да го продаде земјиштето.

Богдановиќ четири години не успеа да донесе нов план, а годинава откако Уставниот суд го укина мораториумот тој на „МГ фешн“ им наплати комуналии и им даде дозвола за изградба на првата од трите висококатници. Богдановиќ кажуваше и дека се обидел да го суспендира планот, по укинатиот мораториум, но, прво неговите служби го згрешиле елаборатот, а потоа Министерството за транспорт и врски кажало дека нема основ за суспензија на планот оти Општината не докажала во елаборатот дека е загрозен јавниот интерес.

„МГ фешн“ и МПЦ веќе почнаа да го менуваат ликот на просторот спроти „Холидеј Ин“. Раскопан е делот до паркингот, а при градежните работи, новомаалци минатата недела се пожалија дека изведувачот прво им пукнал цевка за вода, а потоа искинал кабел за струја.

Се гради првата од трите висококатници која ќе има три нивоа под земја, приземје 20 ката и поткровје, а „МГ фешн“ секојдневно ги повикува новомаалци да договорат откуп на нивните имоти оти најавува изградба на уште две згради од кои едната на 22 ката, другата на 16 ката, а уверува дека во Ново Маало ќе уреди и парк со големина како Плоштад Македонија.

Би можело да ве интересира

Државата троши над 20 милиони евра за нафта и мазут: Мапирани 700 јавни објекти загадувачи низ Македонија

A1on

Шанса за Центар: Како одиме кон „бетонизација“ наместо урбанизација на „Треска“

Ана Ололовска

Шанса за Центар: Над 100 јавни објекти во Скопје се греат на нафта за домаќинство и мазут

Ана Ололовска

Во последните пет години незаконски биле единствено мораториумите за градење, реагираат од Центар по обвинувањата за новата единаесеткатница

Маја Илиевска-Пачемска

Герасимовски издаде одобрение за нова единаесеткатница кај „Холидеј ин“; „Шанса за Центар“ го потсети дека планот е незаконски

Маја Илиевска-Пачемска

Министерот Бочварски далеку од очите на јавноста донесе незаконски и противуставни измени на Правилникот за урбанистичко планирање тврдат независните граѓански иницијативи