Меѓународниот олимписки комитет (МОК) соопшти дека денеска e реализиран нов видео разговор со кинеската тенисерка Пенг Шуаи.
Без да ги прецизира темите на кои се разговарало, МОК во штурото соопштение посочи дека „ја дели истата загриженост како и многу други луѓе и организации во врска со безбедноста на Шуаи“.
Каде се наоѓа Пенг Шуаи, една од најголемите кинески спортски ѕвезди, се наметна како прашање во меѓународната јавност, откако пред речиси еден месец тенисерката исчезна по објавата дека поранешен висок функционер на Комунистичката партија на Кина ја присилувал на сексуален однос.
Шуаи на 21 ноември одржа видео разговор со претседателот на МОК, Томас Бах, но женското тениско здружение (ВТА) вчера објави дека ги суспендира сите тениски турнири во Кина.
– Не гледам како можам да барам од нашите спортисти да се натпреваруваат таму, кога Пенг Шуаи не смее слободно да комуницира со светот и се чини дека била под притисок да ги негира своите наводи за сексуално злоставување, изјави извршниот директор на ВТА, Стив Сајмон.
Одлуката за суспензија на ВТА турнирите во Кина ја поддржаа бројни тениски ѕвезди, вклучувајќи ги Новак Ѓоковиќ, Мартина Навратилова, Крис Еверт, Енди Родик и многу други.