По 18 сезони, Марк Хармон одлучи да ја напушти ТВ-серијата „Нејви“ (NCIS), во која го глумеше ликот на Лерој Џетро Гибс. Тој, сепак, ќе продолжи да работи на серијата како извршен продуцент.
Гласините за неговото заминување беа присутни веќе неколку месеци, но официјалната потврда пристигна сега. Хармон всушност потпиша договор и за 19-та сезона на серијата во јуни, но во него се навестува дека глумецот многу ретко ќе се појавува на екранот, пренесуваат западни медиуми.
Епизодата што се прикажуваше вчера, според наводите, беше последна со Хармон. Откако речиси загина во експлозија на брод на крајот од 18. сезона, Гибс одлучи да не се врати на работа и си остана на Аљаска… Извршниот продуцент Стивен Д. Биндер сепак нагласи дека „вратата му е секогаш отворена“ за враќање на Гибс.
– Како извршен продуцент и мој драг пријател, Марк ќе продолжи да биде дел од серијата. Лерој Џетро Гибс никогаш нема да биде целосно исклучен, изјави Биндер.
Серијата од оваа 19. сезона ги додаде Катрин Лоу и Гери Кол како редовни глумци, заедно со Шон Мареј, Брајан Дицен, Роки Керол и Дејвид Мекалум, како и Вилмер Валдерама и Дион Рејсоновер, кои се приклучија во сезоните бр. 14 и 15 на серијата.