Градежните активности се во тек за проширувањето на булеварот „Борис Трајковски“, на потегот од крстосницата во Пинтија до мостот на Маркова река пред Драчево соопшти прес службата на кандидатот за градоначалник од СДСМ Петре Шилегов.
-На овој потег во вкупна должина од 2.325 метри се врши целосна замена на стариот асфалт со нов, се прошируваат коловозните ленти и наместо 2, отсега ќе има 4 коловозни ленти. Се градат пешачки патеки од двете страни на булеварот и велосипедска патека од едната страна, со ширина од 2,75 метри, со што вкупната ширина на коловозот со пешачките и велосипедската патека на крај, ќе изнесува 20 метри, стои во соопштението.
Овој булевар е од исклучителна важност за жителите на населбите Драчево и Пинтија од Општина Кисела Вода, за населбите од соседните општини Студеничани, Сопиште и Зелениково, како и за локалните бизниси сместени по неговата должина. Со овој зафат, значително ќе се намали сообраќајниот метеж кој се создава во овој дел од градот.
Поради исклучително фреквентниот сообраќај, предвидена е и изградба на кружен тек пред мостот во Драчево, а ќе се изведе нова атмосферска канализација и енергетски ефикасно ЛЕД улично осветлување. Со изградбата на булеварот „Борис Трајковски“, Драчево конечно добива брза врска со остатокот од градот.
За оваа фаза од булеварот се предвидени околу 212 милиони денари (без ДДВ) од Буџетот на Град Скопје, а рокот за реализација е 24 месеци.