Заев ги повика граѓаните да соработуваат со попишувачите, Маричиќ кажа дека ова е најважната статистичка операција од осамостојувањето до сега

Од:

Министерот за правда Бојан Маричиќ во својата видео-порака по повод почетокот на теренскиот дел од пописот, кажа дека ова претставува најважната статистичка операција спроведена од осамостојувањето до сега.

-Попис не е спроведен речиси 20 години. Ваквата состојба едноставно повеќе е неодржлива и тоа не смееме да го толерираме. Државите членки на Обединетите Нации се обврзани да спроведуваат попис, но можеби уште поважно, тоа е обврска која ја имаме кон државата и пред се кон граѓаните, кажа Маричиќ и додаде дека пописот ќе биде спроведен безбедно, почитувајќи ги највисоките стандарди за спречување на ширењето на Ковид-19.

Маричиќ на Државниот завод на статистика му посака успешна работа, а на попишувачите на терен им се заблагодари за трудот, посветеноста и придонесот за овој статистички процес.

Премиерот Зоран Заев денеска преку „Фејсбук“ ги повика граѓаните да соработуваат со попишувачите со цел после 20 години да се добијат релевантни податоци кои ќе бидат основа за креирање на идните политики.

– По 20 години, конечно нашата држава ќе добие релевантни и актуелни податоци кои понатаму ќе бидат основа за креирање на реални политики кои во целост одговараат на потребите на граѓаните. За оваа операција да биде успешна покрај професионалноста на вработените во Државниот завод за статистика и ангажираните инструктори и попишувачи, неопходна е соработката од сите граѓани. Затоа ве повикувам да бидете партнер во овој процес, затоа што само на овој начин Владата, јавните институции, локалната власт и бизнис заедницата ќе можат да обезбедат подобар живот за сите граѓани на Северна Македонија, напиша Заев.

– Не очекувам дека поради политички тензии некој може да ги компромитира резултатите од пописот, но ситуацијата претходно не беше таква, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за Радио Слободна Европа, во врска со денешниот почеток на пописот, но и можноста наративот дека станува збор за пребројување на Македонци и Албанци да ја поткопа операцијата.

-Ние не можеме сосема и да сакаме да излеземе комплетно од таа матрица на пребројување по етничка припадност оти во нашиот Устав има одредба дека одредени права и статуси им припаѓаат и на оние немнозински заедници кои се најмалку 20 отсто од популацијата, така што тоа е одредба од Рамковниот договор, тоа е одредба од нашиот Устав, мораме да ја почитуваме, инаку се согласувам како што одминуваме, неодамна прославуваме 20 годишнина од Рамковниот договор, мислам дека пребројувањето само и само по етничката припадност треба да стане дел од историјата, истакна Пендаровски.

Би можело да ве интересира

Македонија има 18.897 неписмени лица, објавен трет сет податоци од пописот

Ана Ололовска

Симовски: Направивме попис, но последниве четири години немаме вработено ниту еден човек, а напуштија повеќе од 100

Маја Илиевска-Пачемска

(ВИДЕО) Симовски: Каде беа за пописот тие 132.000 граѓани, наседнаа на убедувањето за бојкот

А1он

Бизнисменот Кирил Лазаров: 100 000 стари жители повеќе и 200 000 млади луѓе помалку е огромниот предизвик по економската одржливост на државата, а не што сме по вера и нација

Ана Ололовска

Демократската Партија на Турците не ги прифаќа резултатите од Пописот

А1он

Демократски сојуз: Резултатите од пописот не се одраз на реалноста