Со денешната ослободителна пресуда за Сашо Мијалков и шестемина припадници на поранешната единица „Алфа“ за изживување при апсењето на Љубе Бошкоски, падна во вода уште една од „бомбите“ на премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев. Овој пат „бомбата“ ја демонтираше судијката Александра Ристеска, која ги ослободи од обвинение Мијалков и шестемина полицајци.
Нечовечното апсење на Бошкоски беше третата „бомба“ која Заев во февруари 2015, пред да дојде на власт, ја сподели со јавноста укажувајќи дека се работи за политички монтиран процес, со однапред испланирани чекори.
„Ова што го правеле е грозно и оди до граници што човек не може да ги замисли. Нема да им дозволиме да ја сотрат Македонија, нема да дозволиме ова повеќе да се случува во Македонија“, рече Заев откако ја објави бомбата во која се слуша како тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков, нарачува како во медиумите да се пласира веста за апсењето на Бошкоски за тој да биде понижен, како го искара Латас затоа што на „Канал 5“ снимките од апсењето оделе трипати подобро и имало подобри кадри од Бошкоски легнат на земја, а во истата бомба беше објавен и разговор меѓу тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и Мартин Протуѓер, тогашниот шеф на кабинет на Никола Груевски, како се договараат дека ќе ја распарчат партијата на Бошкоски.
Ослободителна пресуда обвинетите добија точно десет години по апсењето на Бошкоски кое се случи ден по парламентарни избори, на 06.06.2011 година, а во „бомбите“ се слуша како Мијалков, пред изборите и на изборниот ден, го најавува апсењето.
Предметот наречен „Тортура“ го отвори поранешната специјална обвинителка Катица Јанева во март 2016 година, а судењето почна две години подоцна, во март 2018 година. Судењето траеше три години, двапати се враќаше на почеток. Денес обвинителот Љубомир Лапе, кој го застапува предметот рече дека ослободителната пресуда упатува погрешна порака дека ваквите апсења се законски и најави жалба.
„Во модерните, демократски, цивилизирани општества, ваквиот начин на лишување од слобода е забранет и санкциониран. Судот пропушти да ги санкционира сторителите, според мене, при состојба на јасни и недвосмислени докази. По добивање на пресудата секако дека ќе вложиме жалба на сите околности, а особено што сметам дека би била испратена една погрешна порака дека ваквиот начин на апсење е дозволен и законит“, рече обвинителот Лапе.
Ослободителната пресуда предизвика многубројни реакции во јавноста. Граѓаните коментираат дека несменетата состојба од онаа во 2015 година, кога беа пуштени бомбите, укажува дека државата е сѐ уште заробена.