Африканска чума кај свињите: Европската агенција за безбедност на храна ја проширува кампањата во уште девет земји

Од:

Агенцијата за храна и ветеринарство, како контакт точка на Европската агенција за безбедност на храната (ЕФСА), втора година е носител на националните активности од регионалната кампања на ЕФСА за подигнување на јавната свест и поддршка на земјите во преземање на мерки за спречување на појавата и ширењето на африканската чума кај свињите.

Годинашнава кампања, покрај во Албанија, Босна и Херцеговина, Грција, Косово, Северна Македонија, Словенија, Србија, Хрватска и Црна Гора, кои ЕФСА во 2019 година ги идентификуваше како „засегнат регион” поради нивната географска близина со земјите во кои е присутна оваа болест, ги вклучи и Бугарија, Република Чешка, Литванија, Летонија, Полска, Словачка, Естонија, Унгарија и Романија.

Основна цел на кампањата, како што потенцира директорот на АХВ Николче Бабовски, е искоренување на болеста во Европа и таа годинава е насочена кон одгледувачите на свињи и ловџиите како лица кои имаат непосреден контакт со питомата и дивата популација. ЕФСА кампањата ќе ја реализира во соработка со ветеринарните организации, земјоделски и ловечки здруженија, граничната полиција и други релевантни тела во 18 земји, во рамки на која ќе се разменуваат информации и пораки преку дигиталните платформи и социјалните мрежи.

-Болеста африканска чума кај свињите, за која нема вакцина, предизвикува голема смртност кај свињите и големи економски загуби, за среќа не е присутна во земјава иако ја има во соседните и земјите од регионот. Со цел спречување на евентуална појава и ширење на болеста и кај нас, АХВ будно ја следи состојбата. Како одговорна институција неколку години наназад, спроведени се голем број на превентивни мерки како што се подигнување на биосигурносните мерки на свињарските фарми, воспоставување на мониторинг на присуство на африканска чума кај дивите свињи, ставање во функција на апликација за пријавување на угинати диви свињи, вели Бабовски.

Реализирани се и голем број едукации на фармерите, ловните друштва, подготвени и испечатени се прирачници за болеста наменети за официјалните ветеринари, ветеринарните друштва и комерцијалните одгледувачи на свињи, кои ја интензивираа соработката и со помалите производители и одгледувачи на свињи. Извршена е и категоризација на свињарските фарми во однос на степенот на ризик и имплементираноста на биосигурносните мерки на фармите и идентификација на свињите.

Интензивирана е и соработката со невладиниот сектор, со националните паркови и другите државни органи, во насока на размена на податоци и информации. Одржани се обуки и за царинските службеници кои вршат контрола на личниот багаж на патниците кои влегуваат и транзитираат низ нашата земја со цел спречување на внесување на месо и производи од месо преку кои може да се пренесе вирусот на африканската свинска чума, а засилени се и контролите при увоз на оваа категорија производи. Во сила се забрани за увоз и транзит на свињи, производи и нус производи од свинско месо од земјите и регионите каде е потврдено присуство на болеста.

АХВ го изработи и Планот за итни мерки и оперативен прирачник за справување со Африканска чума кај свињите, воведени се засилени мерки и контрола и на добиточните пазари во земјава. Од страна на официјалните ветеринари се вршат засилени контроли на движењето на свињите и спроведувањето на клиничките прегледи на одгледувалиштата со цел рана детекција на болеста.

Би можело да ве интересира

Кај дивите свињи на Шар Планина откриена е болеста африканска чума

Трипуновски: Африканската свинска чума се шири со епидемична брзина

Државата не ја заузда болеста, африканска чума кај свињите се рашири од Делчево до Липково

Одржан првиот состанок на Координативното тело за справување со африканската чума кај свињите

Во Британија пристигна Ласа треска од Африка, опасен сој на аренавирус што не се шири брзо како коронавирусот

А1он

Црна Гора забрани увоз на свињи од Македонија и делови на Србија

А1он