Богатите земји не треба да нарачуваат дополнителни дози вакцини за нивната во голем дел вакцинирана популација, додека другите земји сè уште воопшто го немаат вакцинирано населението против Ковид-19, повика денеска Светската здравствена организација (СЗО).
Шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, рече дека бројот на жртвите во пандемијата на коронавирусот повторно се зголемува, делта-сојот станува доминантен и многу земји сè уште немаат добиено доволно дози на вакцини за да ги заштитат дури ни своите здравствени работници.
– Варијантата „делта“ се шири низ светот со застрашувачка брзина, што доведува до нов пораст на инфекции со Ковид-19 и смртни случаи, рече Тедрос, истакнувајќи дека е многу заразна варијанта, најнапред откриена во Индија, а сега во повеќе од 104 земји.
Тој смета дека глобалниот јаз во снабдувањето со вакцини е крајно „нерамномерен и неправеден“.
– Некои земји и региони всушност нарачуваат милиони дополнителни дози пред другите земји да обезбедат за да ги вакцинираат своите здравствени работници и најранливите, предупреди Тедрос.
Тој ги издвои производителите на вакцини „Фајзер“ и „Модерна“ како компании кои имаат за цел да обезбедат дополнителни вакцини на земјите кои веќе имаат висока стапка на вакцинација.
– Наместо тоа, тие треба да ги пренасочат своите дози кон програмата за дистрибуција на вакцини за посиромашните земји Ковакс, рече Гебрејесус.
„Фајзер“ и неговиот германски партнер „Бионтек“ минатата недела најавија дека ќе побараат одобрување од европските и американските регулатори за вакцинација за трета доза, која би се примала на шест месеци по втората доза и дополнително би го зајакнала имунитетот.