Министерот за надворешни работи на Португалија Аугусто Сантош Силва ги коментираше последните случувања околу содржината на португалскиот предлог за надминување на спорот меѓу Скопје и Софија, и додаде дека неговата државна секретарка згрешила.
Аугусто Сантош Силва, министерот за надворешни работи на Португалија, за кого ова беше последен ден претседавањето со ЕУ, на прашање да ги разјасни дилемите што се појавија во јавноста околу деталите од португалскиот предлог порача дека тој содржи „македонски јазик“, и дека изјавата на државната секретарка, Ана Паула Закаријаш, во која таа користи „северномакедонски јазик“ е грешка.
-Не можете да очекувате од дипломати и политичари да бидат експерти по лингвистика, не ја поминуваме секоја секунда од секоја минута од секој час и секој ден во употреба на соодветни прецизни термини од научна гледна точка, кога мојата заменичка се осврна на македонскиот јазик, таа сакаше да каже македонски јазик, рече Силва.
Министерот понатаму додаде дека содржината на португалскиот предлог е прифатен од македонска страна и може да биде прифатен од бугарска страна.
-Сметаме дека предлогот што го поднесовме и кој беше прифатен од Северна Македонија и мислам дека Бугарија може во блиска иднина да го прифати исто така, е многу јасен, зборуваме за македонски јазик и предлагаме дека со унилатерална декларација поддржана од декларација на Советот на ЕУ секоја земја ја дефинира својата позиција, македонскиот јазик е јазик дефиниран согласно Уставот на Северна Македонија и е кодифициран во 1945 година, но ако сакате да ја знаете позицијата на португалското претседателство, прочитајте го текстот, порача Силва.
Тој смета дека не е на ЕУ да држи улога на „јазична полиција“ и дека тоа не помага во изнаоѓање на решение.
-Прашањето е премногу емотивно и треба да внесеме разум, најдобар начин за тоа е да се разгледа пишаниот текст, рече шефот на португалската дипломатија.
Министерот изрази надеж дека Словенија од први јули ќе има можност да го оствари усвојувањето на преговарачката рамка за Северна Македонија и Албанија, во што Лисабон не успеа.
-По изборите во Бугарија има можност и Словенија може да ја искористи за да го надмине овој ќорсокак, рече министерот.
Силва се осврна и на принципот на вето во Европската Унија.
-Фактот што ни е потребна едногласност и право на вето исто така значи обврска за земјите да изградат консензус, во Португалија би било неприфатливо земјата да го инструментализира ветото за да спречи консензус во ЕУ, јас би бил критикуван за такво нешто, незамисливо е една земја да се стави во положба да го користи правото на вето за да попречи формирање на одлука во Советот, едногласноста е важна поради националниот интерес, треба да го почитуваме тоа, но не можам да помислам на едногласноста без да помислам на обврската да придонесам кон консензус, изјави министерот за надворешни работи на Португалија.