„Можеби сме аутсајдери на првенството, но не ни пречи таа улога. Напротив, дополнително ни дава мотив на сите. Извршивме добри подготовки и сите со нетрпение ја очекуваме средбата со Австријците“, изјави селекторот на македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски на денешната прес-конференција во Букурешт.
Тој рече дека сите во македонската фудбалска репрезентација се „обземени од силни емоции“.
„Има многу емоции, секако, бидејќи оваа конференција за новинари и оваа уткамица ја чекаме откако нашата држава стана независна. Треба да се гордееме, но веруваме дека можеме и уште повеќе. Оваа приказна започна пред шест години кога отидов кај Горан Пандев во Џенова“, додаде тој.
Капитенот Горан Пандев изјави дека „е точно дека има премногу емоции и дека сите во Македонија, фудбалери, навивачи, медиуми и граѓани го чекале овој момент“.
„Верувајте дека сега сме подготвени да го дадеме срцето за нови радости, затоа што знаеме дека сите погледи во Македонија се вперени во нас. Јас го прифатив предизвикот на селекторот пред шест години кога тој дојде во Џенова и ме убеди да се вратам во националниот тим, затоа што не чекаат успеси“, рече Пандев.
Желбата на македонските репрезентативци, додаде тој, е да го дадат својот максимум на секоја утакмица и да се обидат да не завршат само со три меча на шампионатот.
Велејќи дека Македонија има негативно искуство со Австрија, Пандев е свесен дека екипата ја чека тежок натпревар.
„Победата против Германија донесе самодоверба во нашите редови. Овие момци се свесни за своите квалитети и тоа ќе ни биде дополнителен мотив“, рече Пандев.
Избраниците на селекторот Игор Ангеловски попладне со почеток во 18 часот, на „Национална арена Букурешт“ во романската престолнина ќе се соочат со репрезентацијата на Австрија.
Во двата досегашни натпревара, Австријците победија со 2:1 во Виена и со 4:1 во Скопје во 2019 година.