Македонската фудбалска репрезентација вечерва во Скопје во пријателски натпревар одигра нерешено 1:1 со Словенија. Водечкиот гол за домаќините го постигна Елиф Елмас во 55. минута по акцијата која започна од Бобан Николов, а ја продолжи Езѓан Алиоски кој упати одличен центаршут.
Гостите изедначија во последната минута од судиското надополнување преку Домен Чрнигој.
Ова е првиот од двата предвидени контролни дуела на „црвено-жолтите“ пред настапот на Европското првенство за десет дена.
Како и што најави, селекторот Игор Ангеловски натпреварот го почна без калкулации, во најсилен состав. Недостасуваше само Енис Барди, кој е позитивен на коронавирусот.
По повеќе од една година, на трибините на „Тодор Проески“ се вратија навивачите. Иако капацитетот беше ограничен на 30 отсто, македонските фудбалери имаа голема поддршка од своите фанови.
Избраниците на Ангеловски, по три дена ќе одиграат уште еден пријателски натпревар, во Скопје ќе гостува Казахстан.
Селекторот Ангеловски е задоволен од прикажаното на пријателскиот натпревар, но очекува до почетокот на Европското првенство да се поправат некои грешки кои беа направени вечерва во Скопје.
– Благодарност до навивачите за поддршката. Жалам што не успеавме со победа да прославиме. Во второто полувреме противникот до самиот крај не се ни доближи до нашиот гол. Ние требаше да дадеме уште еден гол и да го решиме победникот. Се обидов да им дадам можност на повеќе фудбалери. На крајот кога се ќе се собере, целта што беше за овој натпревар ја постигнавме. Очекувам до натпреварот со Австрија да ги искорегираме сите пропусти затоа што на Европското првенство ќе немаме право ниту на најмала грешка, изјави Ангеловски на прес-конференцијата по дуелот.
Следниот натпревар, исто така контролен, македонските фудбалери ќе го имаат овој петок (4 јуни) со Казахстан, исто така на „Тодор Проески“ во Скопје.