Властите ќе ја менуваат храната во градинките, откако деца во Куманово се отруја со салмонела од мајонез

Од:

Министерството за труд и социјална политика денеска соопшти дека ќе направи целосна ревизија на Нормативите и стандардите за исхрана и оброци на децата во детските градинки, „во насока на нивно унапредување и усогласување со потребите за правилен раст и развој на децата“.

Одлуката доаѓа откако беше утврдено дека 30 деца од три кумановски градинки, кои минатата недела беа жртви на масовно труење со храна во претшколските установи, се затруле со салмонела од мајонезот кој им бил даден како дел од оброкот во градинката, што наиде на многубројни коментари и осуди на социјалните мрежи за составот и квалитетот на храната во градинките.

„Ја информираме јавноста дека внимателно го следиме случајот со труење на децата во трите објекти од градинката „Ангел Шајче“ во Куманово и сме во постојана комуникација со надлежните институции. Првичните сознанија, утврдени од Центарот за јавно здравје, укажуваат дека причина за труењето е од мајонез од фабричко производство, кој бил во оригинално пакување,“ велат од министерството.

„Под целосна ревизија ќе бидат и рецептите за подготовка на оброци за децата коишто ги користат установите за воспитание на децата, со цел да се унапредат и да се усогласат со најновите истражувања за здрава исхрана, но и за потребите на децата во делот на нутритивната вредност“, соопшти МТСП.

„Упатствата за подготовка на оброците во детските градинки се изработени од Републичкиот Завод за домаќинство и за жал подолг период не се променети. Од тие причини, во соработка со експерти од областа, работиме на подготовка на нови упатства кои ќе значат отстранување на сите производи кои не ги задоволуваат стандардите за здрава исхрана. Во однос на прашањето што се поставува во јавноста дали мајонез се користи во исхраната на децата, сакаме да информираме дека мајонезот воопшто не се користел како примарна храна, туку во многу мали количини под 10%, како додаток при подготовката на свежа паштета од туна и од пилешко месо“, објаснуваат од МТСП, додавајќи дека во новите упатства за подготовка на оброците, мајонезот целосно ќе биде исфрлен.

Во согласност со надлежноста, Министерството за труд и социјална политика ќе ги преземе сите мерки за утврдување одговорност за случајот, велат од министерството.

Би можело да ве интересира

Девојче било истепано на свадбена веселба во Куманово

Изгоре куќа во Куманово, нема повредени

Сообраќајка во Куманово, тешко е повреден пешак

Потребни ригорозни санкции за оние кои ги напуштаат милениците и исфрлаат легла апелираат ветеринарите

Куманово: Две пријави за напад на ученици и еден за наставник во два одвоени случаи

Градежна инспекторка од Куманово побарала поткуп од 4.000 евра