Се проверува дали повторно протече документ за Камчев, АНБ и Стефанова ги споредуваат белешките

Од:

Никој не ја потврдува, но не ја ни негира автентичноста на службената белешка која е објавена на социјалните мрежи и за која се тврди дека е од Агенцијата за национална безбедност, а врз која е одреден притворот на бизнисменот Јордан Камчев. Во документот кој е објавен без печат, архивски број и потпис, се изнесени детали за движењето на Камчев во месец февруари, неговите контакти и средби пред тој да заврши во притвор во затворот „Шутка“ поради опасност од бегство.  Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и обвинителката Лиле Стефанова која го води случајот „Империја“, а за кој Камчев издржува притвор, ја проверуваат автентичноста.

Единствено, Кривичниот суд, кој исто така ја има службена белешка од АНБ, не прави проверки за оригиналноста. Службената белешка од АНБ е доверлива и таа не беше дадена на увид ниту на одбраната на Камчев. Објавениот документ има исто така назнака „строго доверливо“. Ова не е првпат во јавноста да протечат документи кога се во прашање предметите во кои е поврзан бизнисменот Камчев.

Од Обвинителството за „А1он“, велат дека нема можност службената белешка од АНБ да протече од кај нив, по што објаснуваат дека документот го имаат и во Кривичен суд.

„За веродостојноста на белешката е потребно да се направи споредба со предадениот документ. Предметниот обвинител согласно своите надлежности има издадено насоки по кои се постапува во насока на расчистување на случајот. Во моментот кога ќе можат да се споделат детали јавноста ќе биде навремено информирана“, велат од Обвинителството за „А1он“.

Од Кривичниот суд, за кој Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција кажа дека ја поседува службената белешка по која е одреден притвор за Камчев, не одговараат на прашањето дали е можно од кај нив да е протечен документот во јавноста и дали автентичен со оригиналот.

„Во однос на сите прашања поврзани со истражна постапка или претходна постапка која е тајна можете да се обратите единствено кај надлежниот јавен обвинител“, велат од Кривичен суд.

Директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски, за „А1он“ вели дека и во нивните редови се проверуваат објавените документи и се проверува автентичноста.

„Наводите за објавените и протечени документи се проверуваат во Агенцијата, за што дополнително ќе се излезе со информација. За се дополнително ќе има информации, за се ќе има одговор“, вели Димовски.

Во 2019 година, во јавноста беше пласиран и записник од сведочењето на бизнисменот Орце Камчев кој го пријави Бојан Јовановски за сторен рекет, случај за кој веќе има и пресуда. Во весникот „Ла верита“, беа објавени и снимки кои се докази во случајот „Рекет“, а се снимени со надзорните камери поставени во домот на Камчев. До денес, никој не откри како документите и снимките се најдоа во медиумите, токму во време кога постапката беше во фаза на истрага и строго доверлива.

Би можело да ве интересира

„Орка Холдинг“ на Орце Камчев ќе го презема целосно „Жито Полог“

A1on

Агелер: Ние нема да ги апсиме оние што се на листата, одлуките зависат од вашите судски органи

А1он

Министерството за финансии на САД го стави Орце Камчев на Црната листа

Горан Наумовски

Почина Гоце Камчев, основач и претседател на „КАМ маркет“

Горан Наумовски

Камчев е на слобода, двете години затвор намалени за четири месеци со спојување на казните

Кристијан Ландов

Караници меѓу сестрата на Камчев, Боки 13 и адвокатот, судијата смируваше: „Тужи ме колку сакаш“

Кристијан Ландов