Земан: Кој ќе ја одбие вакцината „Спутник В“ е одговорен за умирање на луѓе

Од:

Чешкиот претседател, Милош Земан, денеска изјави дека секој оној кој ќе ги отфрли „Спутник В“ и другите вакцини, што се нерегистрирани во Европската унија, е одговорен за умрените во пандемијата со Ковид-19, кои досега во Чешка изнесуваат над 27.000.

-Секој од нас треба да се обиде да инсистира овде да има што е можно повеќе ефикасни вакцини. За тоа сме заслужни премиерот и јас, затоа што испратив писма до израелскиот, рускиот и кинескиот претседател со барање за испорака на вакцини. Во сите три случаи, одговорот беше позитивен, рече Земан, на церемонијата на која го именува новиот министер за здравство, Питер Аренбергер.

Претседателот повторно ги обвини разрешениот министер за здравство, Јан Блатни, и директорката на Државниот институт за контрола на лекови, за блокирање на тие испораки, со инсистирањето да се користат само вакцини регистрирани во ЕУ.

-Секој кој постапува на ваков начин и штети на Чешка и сноси одговорност за луѓето кои умираат поради недостиг на вакцини и поради бавната вакцинација. Само денеска има 150 умрени. „Спутник В“ го купуваат Германија, Австрија и другите земји. Унгарскиот премиер беше вакциниран со кинеска вакцина. Идеолошката хистерија е апсолутно без логика, рече чешкиот претседател.

Новиот министер Аренбергер е поблаг кон нерегистрираните вакцини против Ковид-19, но тој не е подготвен да преземе целосен ризик и да потпише исклучок. Како што претходно се изјасни, тој веројатно не го планира „Спутник В“ за масовна употреба како и другите вакцини регистрирани во Европската агенција за лекови, туку во режимот на клинички испитувања.

-Не е лесно да се користи нерегистриран лек. Барам разумно решение да се почне голема клиничка студија на поголем број пациенти, кога двете страни знаат дека се користи нерегистриран лек, дека нема некој печат, а тие доброволно му се придружуваат , рече Аренбергер.

Новиот министер за здравство процени дека за ваква експериментална употреба на руската нерегистрирана вакцина, доволно е одобрувањето на етичката комисија и Државниот институт за контрола на лекови, што ќе трае околу еден месец.

Би можело да ве интересира

Научниците алармираат поради новата варијанта на Ковид-19

Горан Наумовски

Прва тужба во Германија поради последиците од вакцината против корона на Фајзер

Ана Ололовска

Кинески научник: Можно е пандемијата да започнала со истекување на вирусот од лабораторија

Ана Ололовска

СЗО прогласи крај на пандемијата на коронавирус

Ана Ололовска

Шефот на СЗО: Не можеме да знаеме како настанала короната додека Кина не ги објави своите податоци

Ана Ололовска

Се појавија нови информации за потеклото на короната: СЗО бара Кина да ги објави

Катерина Ѓуровски