Еуфорично расположение владее вечерва во соблекувалната на македонската фудбалска репрезентација на стадионот во Дуисбург, откако „црвено-жолтите“ ја остварија веројатно најголемата победа во историјата на нашиот национален тим, совладувајќи ја фаворизираната Германија со 1:2 во квалификациите за Светското првенство.
Нашите фудбалери стигнаа до историската победа со головите на Пандев и Елмас во последните минути од двете полувремиња, а иницијативата на Германците во текот на целиот натпревар се покажа како недоволна.
Македонија сега со шест бода е на второто место од групата Ј од квалификациите за Светското првенство во Катар, пред Германија, а зад Ерменија, која има девет бода од првите три средби.