Откако САД пред неколку дена ветија дека дел од своите резерви со вакцини ќе ги сподели со Мексико и Канада, вчера и неколку карипски островски држави побараа од Вашингтон да ги сподели со нивниот регион залихите со вакцини против коронавирус.
Независните земји на карипскиот архипелаг, со исклучок на Куба, која самата развива вакцини, се пожалија дека нееднаквиот глобален пристап до вакцините им штети на земјите кои немаат финансиска или политичка моќ да постигнат договор.
Карипските земји досега добиле само мало количество од дозите, пред се, како донација од Индија или преку програмата Ковакс, додека соседните карипски острови, кои се уште имаат статус на територии на поранешните колонијални сили, веќе почнаа со масовна вакцинација, пренесуваат британските медиуми.
Карипските економии, што целосно се зависни од туризмот, се меѓу најтешко погодените од пандемијата, а неколку земји, вклучувајќи ги Јамајка, Антигва и Барбуда, во моментов се соочуваат со енормно зголемување на бројот на нови инфекции, што е двојно повеќе од светскиот просек по жител .
Претседателот на Карипското друштво, премиерот на Тринидад и Тобаго, Кит Раули, му пишал на американскиот претседател Џо Бајден и за регионот побара вакцина што е одобрена од Светската здравствена организација.
Белата куќа минатата недела соопшти дека САД планираат да испратат во Мексико и Канада околу четири милиони дози од вакцината „АстраЗенека“, што не ги користи, а врз основа на договор за заем.