Цели четири месеци по последниот официјален натпревар против Ерменија во Лигата на нации, македонската фудбалска репрезентација се собра денеска во Скопје на завршни мини подготовки за претстојниот старт на квалификациите за пласман на Мундијалот 2022 во Катар.
Избраниците на селекторот Игор Ангеловски до крајот на март ќе одиграат три квалификациски натпревари во рамки на групата Ј, а прв противник ќе им биде Романија, в четврток од 20:45 часот, во Букурешт. Три дена подоцна, македонскиот состав во Скопје ја пречекува репрезентацијата на Лихтенштајн, по што на 31 март следува натпреварот против Германија во Дуисбург.
Поради позитивни тестови на коронавирус во Скопје не допатуваа дефанзивецот Ѓоко Зајков од белгискиот прволигаш Шарлерој и играчот за врска Тихомир Костадинов (Ружомберок), додека напаѓачот Иван Тричковски (АЕК Ларнака) го откажа настапот поради повреда. Мечот против Романците ќе го пропушти и играчот од средниот ред Аријан Адеми (Динамо Загреб), додека на нивно место Ангеловски дополнително ги повика искусниот Агим Ибраими (Кукс) и левиот бек Стефан Ашковски (Ботошани).