Зошто некои експерти препорачуваат да вакцинираме и деца?

Од:

АФП (преку БГНЕС)

Модерна соопшти дека започнала студии за вакцинација на илјадници деца на возраст под 12 години, што е првиот чекор во новата фаза на кампањата за имунизација во САД. Според некои експерти вакцинацијата на деца можеби ќе биде неопходна за да се елиминира пандемијата.

Децата обично се поштедени од сериозни болести, но Американците на возраст под 18 години сочинуваат приближно една петтина од 330 милиони жители на САД, а милиони се заразени во моментов.

„Ако навистина сакаме да постигнеме групен имунитет, ќе треба да се вакцинираат до 80 проценти од нашата популација, а ние навистина не можеме да го направиме тоа без да ги вакцинираме децата“, изјави за АФП Ли Савио Бирс, претседател на Американската академија за педијатрија (ААП).

Режимот со две дози на Модерна е одобрен за употреба кај возрасни и компанијата веќе е во средина на студија за адолесценти, која се очекува да заврши до јуни.

Новото истражување се очекува да вклучи 6.750 учесници на возраст од шест месеци до 12 години.

Вакцината „Фајзер“ е одобрена за вакцинација кај лица постари од 16 години, а компанијата спроведува студија за млади, како и „Џонсон и Џонсон“, додека „АстраЗенека“ започна со тестирање на вакцината кај деца постари од шест години.

Придобивките од вакцинирање на деца се директни во однос на спречување на ретки компликации кај деца, како што е пост-инфективната состојба „мултисистемски воспалителен синдром кај деца“ (МИС-Ц), но исто така индиректни во однос на ограничување на ширењето на вирусот.

„Кое ниво на несакани ефекти е прифатливо и дали сегашната генерација на вакцини е најдобра за употреба како детски вакцини?“, вели за АФП Амеш Адалја, научник од Центарот за здравствена безбедност на Универзитетот Џон Хопкинс.

Тој додаде дека вакцините за деца се во фаза на развој, бидејќи досега одобрените можат да предизвикаат помали или поинтензивни несакани реакции кај нив.

Адалја додаде дека гледа непосредна потреба и улога за вакцини кај деца од средно училиште, кои се многу слични на возрасните по начинот на кој можат да ја шират заразата.

Според последните официјални податоци, 294 лица помлади од 18 години починале од коронавирус во САД, што е занемарлив процент од речиси 535.000 жртви на пандемија во земјата.

Доминантно истражување, исто така, покажува дека помалите деца, особено оние под 10 години, имаат помала веројатност да се заразат и да го шират вирусот.

Но, и во двата случаи, „помалку веројатно“ не значи „невозможно“.

„Милиони деца се заразени со вирусот, и колку повеќе деца се заразени, толку повеќе деца потенцијално можат да добијат компликации“, рече Хенри Бернстајн, професор по педијатрија во Детскиот медицински центар Коен.

„Знаеме дека коронавирусот го влоши квалитетот на образованието на учениците, знаеме дека предизвикува проблеми со физичкото, менталното и емоционалното здравје на децата и адолесцентите“, рече тој.

Бернстајн ја поддржува вакцинацијата на деца, но додаде дека е императив вакцините внимателно да се проучени затоа што „децата не се млади возрасни“ и од возрасните се разликуваат во важни физиолошки аспекти.

Ниту еден од анкетираните експерти не верува дека вакцинациите треба да се сметаат како услов за отворање училишта.

„Како и другите видови на превентивни мерки, препорачуваме: физичко дистанцирање, миење раце и носење маски, вакцинирањето деца е друга алатка во нашата кутија со алатки за запирање на инфекцијата“, рече Нипуние Раџапакса, специјалист за заразни болести кај деца на Клиниката Мајо.

„Исто така, треба да се земе предвид дека во некои случаи може да биде тешко да се предвиди точно кое дете има ризик од развој на тешки компликации откако ќе заболи од Ковид-19“, рече Раџапакса.

Ова е особено точно за МИС-Ц- најстрашната компликација кај малите деца, која се јавува неколку недели по инфекцијата и предизвикува воспаление во различни делови на телото.

Би можело да ве интересира

Научниците алармираат поради новата варијанта на Ковид-19

Горан Наумовски

Прва тужба во Германија поради последиците од вакцината против корона на Фајзер

Ана Ололовска

Кинески научник: Можно е пандемијата да започнала со истекување на вирусот од лабораторија

Ана Ололовска

СЗО прогласи крај на пандемијата на коронавирус

Ана Ололовска

Шефот на СЗО: Не можеме да знаеме како настанала короната додека Кина не ги објави своите податоци

Ана Ололовска

Се појавија нови информации за потеклото на короната: СЗО бара Кина да ги објави

Катерина Ѓуровски