Приведениот бизнисмен Орце Камчев утре ќе биде спроведен во Кривичниот суд да сведочи за случајот „Меѓународен сојуз“, иако неговиот адвокат Тони Менкиновски велеше дека притворот му се одредува за да се попречи неговото сослушување. Судијката Софче Гаврилова-Ефремова, веќе испратила наредба Камчев да биде спроведен за да сведочи за „Меѓународен сојуз“. Пристигнувањето на наредбата за спровод за „А1он“ го потврди директорот на затворот, Филип Андов.
„Ве информираме дека лицето Орце Камчев на ден 18.03.2021 година ќе биде спроведено во Основниот кривичен суд Скопје и за спроводот судот до КПУ Затвор Скопје има доставено уредна наредба за спровод на притвореното лице во својство на сведок за случајот ‘Меѓународен сојуз’“, вели Андов за „А1он“.
Адвокатот Менкиновски кој е бранител на Орце Камчев, во неделата по апсењето на бизнисменот, велеше дека утрешното судење ќе се одложи за да неговиот клиент не сведочи. Тој посочи и дека службената белешка за можно бегство на Камчев доаѓа од Агенцијата за национална безбедност, каде работи Јовче Ременски, сопруг на Фросина Ременски која е обвинета во предметот.
„Господинот Камчев, нареднава недела требаше да сведочи следнава недела, за сопругот на Фросина Ременски, оваа службена белешка доаѓа од институцијата каде што е вработен, мислам дека е на раководна функција. Ако со овој начин се сака да се попречи господинот Орце Камчев да сведочи, тоа е навистина…“, рече Менкиновски по одредениот притвор на Камчев.
И по посочувањето дека Камчев ќе биде спроведен од затворот во Шуто Оризари за да сведочи, Менкиновски рече: „Па не сум баш сигурен, ќе се одложи судењето, бидејќи судијата кој го води процесот не знае каде е Орце Камчев. Ќе треба да се одложи, да се одолговлекува судењето. Така што, не е баш едноставна целата приказна“.
Првообвинет во случајот „Меѓународен сојуз“ е Бојан Јовановски-Боки 13 и се товари за делата измама и перење пари. Потоа, во истиот случај се гонат и експратеничката Фросина Ременски, заменик-претседателката на „Меѓународниот сојуз“, Јасна Мандиќ, таткото на Боки – Миле Јовановски и асистентката Христина Блажевска.
Ременски е обвинета за помагање во делото измама, Мандиќ и Блажевска за помагање на двете дела (измама и перење пари), а таткото на Боки за помагање во перењето пари и за делото неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје, бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола.
Според обвинението за „Меѓународен сојуз“, обвинетите ги измамиле бизнисмените Силјан Мицески и Ардијан Амзоски дека ќе учествуваат во проект преку „Меѓународен сојуз“ на Бојан Јовановски-Боки 13 и ги оштетиле со повеќе од милион евра. Бизнисменот Орце Камчев е сведок предложен од обвинителката Вилма Русковска која го застапува предметот „Меѓународен сојуз“