Вакцина на „Фајзер“ и „БиоНТек“ успева да ја неутрализира новата варијанта на коронавирусот што брзо се шири низ Бразил, покажаа лабораториските истражувања објавени вчера во списанието „New England Journal of Medicine“.
Истражувањето објаснува дека крвта на луѓето кои примиле вакцина на „Фајзер“/„БиоНТек“ ја неутрализира вештачката верзија на вирусот што ги содржи истите мутации во „шилото“ што во себе ја имаше многу заразната, P.1 верзија на вирусот пронајден во Бразил.
Научниците во истражувањето наведуваат дека неутрализирачката способност е приближно еднаква со онаа што вакцина ја имаше на претходната, помалку заразна, варијанта на вирусот од минатата година.
„Шилестиот протеин“, што вирусот го користи за влегување во човечките клетки, е примарна цел на многу вакцини против коронавирусите.
Во претходно објавеното истражување, „Фајзер“ откри дека нивната вакцина неутрализира други позаразни варијанти на вирусот, како британскиот и јужноафриканскиот, иако е докажано дека јужноафриканската варијанта може да го намали нивото на антитела произведени по вакцинацијата.
„Фајзер“ соопшти дека верува дека е многу веројатно нивната сегашна вакцина да штити од јужноафриканската варијанта. Како и да е, компанијата планира да го тестира можниот ефект на третата доза на вакцината, како и да тестира редизајнирана верзија на вакцината, дизајнирана за борба против оваа варијанта, со цел подобро да се разбере имунолошкиот одговор.