Вториот бран на епидемијата со Ковид-19 се покажа посмртоносен во Африка, каде стапката на смртност го надмина светскиот просек, соопшти денеска Центарот за контрола и превенција на болести на Африка (ЦДЦ Африка).
– Стапката на смртност од коронавирусот во Африка сега е 2,5 отсто од забележаните случаи, што е над светскиот просек што изнесува 2,2 проценти, изјави директорот на специјализираната агенција на Африканска Унија (АУ), Џон Нкенгасонг.
Бројот на новозаразени лица во Африка минатиот месец бележеше раст од 14 отсто на неделно ниво.
Од почетокот на пандемијата во Африка регистрирани се 3,3 милиони случаи и речиси 82.000 смртни случаи.
Нкенгасонг истакна дека стапката на смртност укажува на промена во однос на првиот бран, кога смртноста беше под светскиот просек. Во моментот во 21 африканска држава забележана е повисока стапка на смртност од последици од Ковид-19 од светскиот просек.
Судан има стапка на смртност од 6,2 проценти, Египет – 5,5, Либерија – 4,4, а Сахарската Арапска Демократска Република – 11,8 отсто.
– Порастот на смртноста е поради зголемениот број на заразени што ги преоптовари здравствените системи на континентот, посочи Нкенгасонг, додавајќи дека има потреба и за кислород, што се користи во лекувањето на тешките пациенти.
АУ минатата недела соопшти дека порачала 270 милиони вакцини преку системот Ковакс. Во тек се и преговори со Русијаи со Кина за дополнителен број вакцини