Десет минути на покривот на светот ја запишаа Илина Арсова во историјата на планинарството во Македонија. По Димитар Илиевски во 1989 година, Глигор Делев во 2007, Сашко Кедев во 2009 и Здравко Дејановиќ во 2010 година, таа е петтиот македонски планинар и прва Македонка која се искачи на Монт Еверест.
– Бев два месеца на планина од кој месец и половина на над 5.000 метри надморска висина кои не се баш нормални услови за живот на кој ние сме навикнати, особено кога доаѓаме од подрачје што не е алпско или хималајско, телото функционира поразлично а и условите се ограничени, рече Арсова на денешната прес конференција по повод нејзиниот подвиг.
Искачувањето на врвот, рече таа, е само последните 20 часа, а пешачењето бара голема психофизичка подготвеност.
– Што и да се случи таму е опасно бидејќи си оддалечен на 4-5 дена од првото безбедно место. На врвот се задржавме 10 минути а стигнавме во 3 часот наутро, вели Арсова.
Најави повеќе нови проекти како искачување на седум највисоки врвови од седум континенти, но и искачување на сите врвови над 8.000 метри, и предизвикот да се искачи на таков врв без кислород.
Арсова е првата жена од Македонија која минатата година се искачи на Матерхорн (4.587 метри), а во досегашната кариера се искачи и на врвовите Ама Даблам (6.856 метри) и Аконкагва (6.963 метри), што во моментов е највисок дострел од страна на Македонка кога е во прашање високогорското планинарење.
Успехот на Илина Арсова денеска и го честитаа претставници на Агенцијата за млади и спорт и на Федерацијата за планинарски спортови.