Женскиот фудбалски клуб Љуботен од Тетово објави денеска дека потпишал договор со 22-годишната бразилска фудбалерка
Ана Беатриз Тарантино, која е позната по прекарот „Роналдиња“, објави клубот на својата Фејсбук-страница.
„Чест и задоволство ни е да ви ја претставиме првата Бразилска фудбалерка во Прва Македонска Фудбалска лига за жени Anna Beatriz Tarantino со уметничко име Ronaldinha поранешен член на Vasco De Gama- Brazil, и доскорешен член на FFC Vorderland-Austria,“ стои во објавата на Љуботен.
Од клубот додаваат дека Бразилката, чие полно име е Ана Беатриз Тарантино Гиљермино Салино и која игра во нападот и во средината на теренот, ќе преставува капитално засилување во насока на остварување на високите амбиции на ЖФК Љуботен.
Според раководството на клубот, тие имаат намера, по назначувањето на спортскиот директор од Србија, Небојша Бреѓан, да создадат тим со европски и модерен начин на работа. Првото засилување на тимот беше македонската репрезентативка до 19 години и досегашна членка на Ас Јунајтед од Струга, Сања Митреска – Сани, која игра на стоперската позиција.