Јавноста се подели откако беше најавен пилот проектот за сексуално образование. Дел од граѓаните го поздравуваат овој новитет на Министерството за образование, додека други се вознемирени и сметаат дека не треба да се воведе сексуално образование.
Во четири училишта, три во Скопје и едно во Тетово, од кои две во рурална и две во урбана средина почнува пилот програмата за сексуално образование.
Министерката Мила Царовска појаснува дека нема да постојат посебни предмети и посебни наставници за сексуално образование, туку тоа ќе биде инкорпорирано во останатите предмети.
„Се пилотира програма, почнува сега обуката за наставници од сите предмети, оние кои се спремни да зборуваат за теми како недискриминација, ненасилство, еднаквост, прифаќање на себе, врски и емоции. Сето тоа треба да биде дел од стандардните курикулуми и тоа не се посебни професори туку во делот на природни и општествени науки како теми се со цел животните вештини кои ќе ги стекнат учениците да бидат дел од образовниот систем, затоа што националните стандарди за учење се пропишани, не се само наши. Еден од стандардите е личен и емоционален социјален развој“, рече Царовска.
„Кога е пилот програма важно е да се оцени кој е најдобриот пристап за презентирање на овие знаења кои што треба да ги имаат. Тие треба да бидат дел од регуларната курикула која се подготвува од прво до деветто. Тие не се посебни предмети, не се посебни наставници“, појаснува Царовска.