Полошките градоначалници се обврзаа на исполнување на 19 барања на граѓанската иницијатива „Стоп Русино“ за стандардизација на депонијата

Од:

На денешната седница на Советот за развој на полошкиот плански регион во тетовско Желино градоначалниците ставија потпис на одлуката со која треба да се реализираат 19 барања на граѓанската иницијатива „Стоп Русино“ за надминување на проблемите со складираниот отпад на тоа место. Досега сите општини, невладини организации и Министерството за животна средина имаа неколку средби на кои заеднички се утврдуваа тие 19 постапки што треба да се реализираат.

-Барања се потпишани од Тетово и Брвеница, а денеска од останатите општини. За да се деблокира депонијата како таква треба да се формира регионално претријатие за управување со отпад. И таа одлука ја имаат донесено четири општини. Сите членови на управни и надзорни одбори поминуваат на сите совети на сите општини. Четири општини тоа го поминале па чекаме уште другите пет па да свикаме седница на управен одбор да назначиме директор. Тоа е еден од условите да може општините да бидат деблокирани и да можат да носат во депонијата Русино отпад, што досега не беше дозволено од граѓаните, истакна Фатмир Саити, директор на Центарот за развој на полошкиот плански регион.

Меѓу поглавните барања е депонијата да не биде во Русино после пет години.

-За тоа има измена во регионалниот план за управување со отпад и Министерството го прифати. Потоа се бара да не поминуваат несоодветни камиони од кои ќе истекуваат отпадни води, да се има видео контрола на депонијата, барањата се од оперативен карактер. Мислам дека е реално да се каже дека од јануари ќе може да се носи смет, да се тргне блокадата. Веќе сме во процес, бараме нова локација. Тоа е процедура која ја води Министерството и се надевам дека ќе најдеме. Некои предлози има, потенцира Фатмир Саити.

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари смета дека сите 19 точки на „Стоп Русино“ се прифатливи за сите градоначалници и верува во нивна имплементација.

-Ако тоа се имплементира се надевам после пет години дека Министерството за животна средина ќе најде друга локација која ќе биде координирана со други општини и која исполнува услови да биде регионална депонија. Не радува тоа што по пет години Русино би била зелена површина. Искрено се гледа светло на крајот на тунелот. Се надевам дека сите како што се сега сериозни ќе се придржуваме и до тоа што потпишавме. Мора да се најде решение инаку со диви депонии не одиме никаде, рече Таравари.

Тој потенцира дека создавањето на регионалните депонии мора да биде приоритет поради евроинтеграцијата.

-Не е само со полошки регион туку со сите региони. Ако почнеме преговори со ЕУ, најтешкото и првите поглавја кое треба да се преговара освен право и правна држава се еколошките проблеми кои се навистина сериозни во нашата држава. Тоа е главниот проблем за загадувањето на воздухот кој не таргетира сите нас, посебно во зимскиот период, истакна Таравари.

На депонијата Русино од летоска се прават блокади од иницијативата „Стоп Русино“ и не се дозволува складирање смет поради горењето и уништувањето на природната околина и загадување на воздухот.

Би можело да ве интересира

Жителите на Кочани ја добија битката: Советот донесе одлука да не се депонира отпад од други општини на градската депонија

Катерина Ѓуровски

Комунални возила од други општини не ја поминаа блокадата кон депонијата кај Кочани

Намерно се подметнуваат пожари на депонијата во Возбегово тврдат од Град Скопје

Катерина Ѓуровски

Драма во Пријепоље: Пожар избувна на депонијата Стањевина, прогласена е вонредна состојба

Реакција на Општина Ѓорче Петров: Арсовска да не раскажува ловечки приказни, нека сработи нешто

Арсовска: Вработен во Ѓорче Петров имал дива депонија, општината била клиент, следуваат кривични пријави

Александар Тодески