Во организација на планинарскиот клуб „Љуботен“ в сабота и недела ќе се одржи 32-рото традиционално искачување на највисокиот врв на Шар Планина, Титов Врв.
Планинарската манифестација на едно место ги обединува планинарите и планинарските друштва од Македонија и цела Европа, кои имаат ист освојувачки поход: искачување до височина од 2.747 метри.
Планинарските друштва в сабота ќе пристигнат на Попова Шапка. В недела наутро, долгата планинарска колона ќе се упати кон Титов Врв. Пешачењето до највисокиот врв на Шара ќе трае околу четири и пол часа. По кратката пауза, планинарите ќе се вратат кон Попова Шапка, со што манифестацијата официјално ќе биде затворена. Деталната програма за овогодинешната манифестација може да се најде на веб страната: www.pkljuboten.org.mk.
Манифестацијата се организира под покровителство на АД ЕЛЕМ. Планинарскиот клуб „Љуботен“ е најстариот активен планинарски клуб во Македонија, кој постои уште од 1925 година и е организатор на голем број манифестации на Шара. Во текот на изминатото триесет и едно организирано искачување на Титов Врв се искачиле над 19.200 планинари.