Пишува: Жарко Трајаноски, м-р по човекови права
Скопска жичарница | Фото: Метаморфозис
„Овозможете да се чуе гласот на безгласните…“ (Новинарски кодекс)
Во претходната анализа со ист наслов укажавме дека посебен етички предизвик за новинар(к)ите е употребата на почитувачки термини за луѓето со попреченост, затоа што непочитувачкиот јазик може да предизвика чувство на исклученост. Но, комплексноста на терминологијата не е единственa причина зошто новинарите не овозможуваат да се чуе гласот на луѓето со попреченост.
Медиумското игнорирање е форма на дискриминација
„Медиумите треба да известуваат за примери на неправеден однос кон деца и возрасни со попреченост“ (Се работи за можности).
Медиумите многу често ги игнорираат барањата на лицата со попреченост. Најсвеж пример е барањето за побрзо спроведување на Конвенцијата за права на лица со инвалидност, кое е игнорирано од најголемиот број на медиуми. Конвенцијата за правата на лица со инвалидност е официјален превод на The Convention on the Rights of Persons with Disabilities која од страна на Уницеф беше преведена како Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, а се среќава и во преводите „Конвенцијата за правата на лицата со попречености“ и „Конвенција за лица со хендикеп“.
Независно од разликите во преводот, оваа Конвенција налага и активности за подигање на свеста, спречување на стереотипите, предрасудите и штетни практики, развој на позитивни перцепции, како и:
„Поттикнување на сите органи на медиумите, да ги портретираат лицата со попреченост на начин доследен на целта на оваа Конвенција“.
Меѓутоа, најголемиот дел од медиумите продолжуваат да ги игнорираат организациите на лицата со попреченост кога се повикуваат на оваа Конвенција, ратификувана во декември 2011 (Собранието ја ратификува Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност). На пример, трибината за учеството на граѓаните со хендикеп во избирачкиот процес – „И МОЈОТ ГЛАС СЕ БРОИ“, на која „се говореше и за Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп и како таа го толкува избирачкото право“.
Новинарите имаат етичка должност да ги зајакнуваат барањата на луѓето што се маргинализирани и дискриминирани, а не да ги игнорираат.
Слобода на изразување на луѓето со попреченост
Согласно Конвенцијата за лицата со попреченост (член 21) земјите потписнички имаат обврска да ги преземат сите соодветни мерки со цел да обезбедат лицата со попреченост да можат да го остваруваат правото на слобода на изразување и мислење, особено на слободата да бараат, добиваат и доставуваат информации и идеи на еднаква основа со другите, како и преку сите форми на комуникација по нивен избор.
Медиумите треба постојано да ја потсетуваат државата на преземените обврски, кои вклучуваат обезбедување информации наменети за јавноста на лицата со попреченост (навремено и без дополнителни трошоци во достапен формат и технологии соодветни на поединечни видови на попреченост), признавање, промовирање, прифаќање и олеснување на користењето на знаковните јазици (Брајовата азбука, аугментативна и алтернативна комуникација, како и други пристапни средства, модели и формати на комуникација по избор на лицата со попреченост), итн.
Исто така, државата треба да ги охрабри масовните медиуми, вклучително и интернет провајдерите, да ги направат нивните услуги достапни за лицата со попреченост.
Медиумите имаа одлична прилика да се вклучат во кампањата за дигитална инклузија, спроведувана од страна на здружението „Отворете ги прозорците“. Позитивни примери се интервјуто со претставници на здружението „Отворете ги прозорците“ на Канал 5 и на МТВ, при што беа промовирани и конкретни помагала (асистивна компјутерска технологија).
За жал, многу малку медиуми известуваа за одржаната тркалезна маса на тема „Дигиталната инклузија во Македонија“, на која претставничката на Министерството за информатичко општество и администрација информираше за резултатите од Националната Стратегија за е-вклучување (2011 – 2014).
На тркалезната маса, како најважен проект на „Националната Стратегија за е–вклучување“ беше претставен синтетизаторот на говор на македонски јазик, софтвер кој:
„претставува значајна алатка за слепите лица и лицата со оштетен вид, која електронските содржини на македонски јазик, ги претвора во аудио говор“.
Информацијата дека:
„Првичната верзија на софтверот е веќе изработена и ќе биде достапна бесплатно до сите слепи лица во Република Македонија“ може да биде дополнителен поттик за истражувачко новинарство.
Во секој случај, новинар(к)ите не ја исполнија својата етичка обврска да истражат и известат за неисполнетите ветувања од „Националната Стратегија за е–вклучување“.
Медиумите и новинар(к)ите како соборци
Медиумите и новинар(к)ите можат многу да им помогнат да лицата со попреченост во борбата за нивните човекови права, особено ако се упатени во тоа како се спроведуваат постоечките закони, програми и стратегии, како што е „Национална стратегија за изедначување на правата на лицата со инвалидност 2010-2018“.
За да обезбедат информации за сите во заедницата, а не само за оние кои се мнозинство, неопходно е медиумите да ја афирмираат различноста во редакциите, вработувајќи и новинар(к)и со попреченост. Неопходно е и прилагодување на медиумските содржини за да им бидат достапни и на лицата со попреченост.
Исто така, потребно е сите новинар(к)и да бидат обучени за да ја разберат попреченоста, како етички да известуваат за луѓето со попреченост, како да ги надминат предрасудите и негативните стереотипи кон луѓето со попреченост. На пример, негативниот стереотип дека луѓето со попреченост се асексуални е предизвикан со текстовите „Имаат ли право на љубов или само на грижа?“ и „Сексот и инвалидитетот“. Не е само 3 декември медиумски ден за лицата со попреченост, туку и останатите денови од годината.
Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).