Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Од:

На 27 март оваа година, еден ден по ужасот настанат од пожарот во трговскиот центар во рускиот град Кемерово, во кој изгореа над 60 луѓе, меѓу кои и триесет деца од едно оддеделение, според налагањето на дипломатскиот бон-тон, човечноста, па, ако сакате, и христијанската етика, нормален ред на нештата бил македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров да му испратил телеграма со сочувство на својот руски колега Сергеј Лавров. Наместо тоа, токму на ден по трагедијата, Димитров го известил Лавров дека македонското МНР протерува еден руски дипломат од амбасадата на Руската Федерација во Македонија. Образложението било дека Македонија се солидаризирала со своите партнери со кои споделувала европски вредности. Солидаризирањето се однесувало во осудата на руското (?) труење на агентот Скрипол и неговата ќерка, за кое до денес не е покренато обвинение против (не)познат сторител пред британските правосудни органи, а и целиот настан како да го проголтала црната дупка на западните меинстрим медиуми. Никој повеќе не зборува за случајот Скрипол.

Зошто ова навраќање на оваа епизода од македонската дипломатија? Не за да се осудува нашето МНР што се вплеткало во игрите на големите, туку зашто формулацијата „нашите партнери со кои се солидаризираме и споделуваме исти вредности“, подразбира тој однос да биде взаемен, односно двосмерен. Но, дали е така?

Македонија од своето осамостојување перманентно е на листата со држави за чии граѓани е потребно да имаат британски визи доколку сакаат да патуваат на Островот. И тоа остана непроменето и по укинувањето на Шенген визите за Македонија. Парадоксот да биде уште поголем, кон таа одлука на Брисел се приклучија и Норвешка, Исланд и Швајцарија, кои не се членки на ЕУ, но не ја прифати Велика Британија, која тогаш воопшто и не помислувала дека ќе ѝ се случи Брехзитот.

Дали при носењето на одлуката за солидаризирање со нашиот партнер Велика Британија министерот Никола Димитров помислил и на овој неугоден факт, кој секои пријателски и партнерски односи би требало да ги оптеретува и да претставува непријатна реалност во очите на неговиот британски колега? И дали укинувањето на визите за македонските граѓани воопшто е поставено на агендата на македонското МНР во било кои разговори со британскиот Форин офис?

Има ли сѐ уште оправдување за барање британски визи за македонски граѓани? Секоја рационална анализа наведува на заклучок дека нема и дека тоа Британците го прават по инерција бидејќи се инертни кон правењето ревизии на списокот со држави за кои требаат визи. А таа анализа би требала да тргнува од главните критериуми кои важат за на една држава да ѝ бидат воведени визи: дали и колку македонските граѓани се закана за миграционата политика на Велика Британија? Одговорот е негативен. Дали македонските граѓани се закана за безбедноста на Велика Британија? Одговорот е повторно негативен. Дали македонските граѓани се закана за пазарот на трудот во Велика Британија? И овој одговор е негативен.

Доколку сакаат, за британските служби е лесно проверливо дека за најголемиот број македонски граѓани најпожелни дестинации за емигрирање се Германија, скандинавските држави, САД, Канада и австралискиот континент. Оние кои сакале да се отселат во Велика Британија тоа веќе го сториле или ќе го сторат со бугарски пасош, кој им дава за право легално да престојуваат и да работат на Островот. Оттука, визите не се никаква потреба за заштита на националните интереси на Велика Британија туку се само нехумана пречка за многу родители, брачни партнери, деца, браќа и сестри, роднини и пријатели од Македонија да не можат да ги посетат своите блиски или да бидат изложени на трошоци и неизвесност дали од амбасадата на Велика Британија во Скопје ќе им биде одобрена виза.

Бидејќи нема ниедна оправдана и рационална причина македонските граѓани сѐ уште да бидат на листата за визи, зошто тие не се укинат, по примерот со Шенген визите за ЕУ? Затоа што ниту еден македонски министер за надворешни работи, премиер или претседател тоа не го ставил на маса за разговор со своите колеги од Велика Британија. Можеби им е непријатно да отвараат неугодна тема во декларираните „добри билатерални односи кои со ништо не се оптоварени“. Можеби понизно чекаат самите Британци да се сетат и да нѐ замолат да покренеме барање за ослободување од визи? Што год да е, не е во интерес за македонските граѓани, кои немаат дипломатски пасоши како Никола Димитров, Зоран Заев, Радмила Шеќеринска, Никола Груевски, Никола Поповски, Антонио Милошоски и останати кои непречено патуваат за Лондон.

Затоа се молат Зоран Заев, Никола Димитров и останатите кои ќе имаат можност да се сретнат со Тереза Меј да не се прават повеќе Енглези и конечно да прозборат и за овој проблем, кој ги оптеретува меѓудржавните односи. И да, да се има одважност и самопочит и да се најави реципроцитет за британските државјани, доколку за македонските граѓани и понатака бидат потребни визи. Тоа е вистинскиот однос меѓу искрени партнери со кои се споделуваат исти вредности и со кои се солидаризирате во тешки моменти. Без укинување на визите, денешните зборови на Тереза Меј дека врските меѓу нашите две земји се посилни од било кога и да е, звучат така типично британски – цинично и арогантно, без никаков респект за другиот.

Доколку и понатака нашето храбро срце (во преговорите за промена на името) Никола Димитров продолжи да глуми пред Британците восочна кукла од Мадам Тисо, односно е уцвикан и нема муда да го покрене ова прашање, тогаш би било добро неговата улога да ја превземе македонската седма сила и на прес конференцијата на Тереза Меј, но и на секоја наредна средба со британски политичари или амбасадорот во Скопје, да бидат упорни и да бараат одговор на прашањето: „До кога ќе бидат потребни британски визи за македонски граѓани“!?

Д-р Ненад Живановски

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска

Никола, биди човек и кажи им на своите дека ги предаде по теркот на Тупурковски

Ана Ололовска