Лабораторијата „Авицена“ каде што била направена анализата на примерокот за кој на социјалните мрежи се крена паника дека е вода за пиење во која беа најдени три вида бактерии, тврди дека тие не прават анализи за здравствена исправност на вода, а за донесениот примерок за анализа не биле известени за типот на примерокот, времето и местото на земање на примерокот, постапувањето со примерокот и неговата состојба.
Објаснувањето од лабораторијата во врска со целиот случај го објавуваме во целост.
„Постојат две општи категории на анализи за испитување на вода, кои се дијаметрално различни, како по методите, ракувањето со примероците, издавањето на резултатите, сообразност и почитување на стриктно определени начела и начини на испитување, како и со здравственото и правното постапување со резултатите:
1. Микробиолошко испитување на вода за пиење, како и други типови води во рамките на официјално одредување Здравствена исправност.
Овој тип на микробиолошко испитување го изведуваат исклучиво овластени и акредитирани лаборатории во ЈП ’Водовод и Канализација’, Центрите за јавно здравство и Институтот за јавно здравство. Испитувањето се врши како редовно или по епидемиолошка индикација. Посебни правилници, содржани во Сл. весник на РСМ бр. 183/2018 и др. стриктно ги определуваат начините на земање примерок и методите на анализа, како и алтернативните методи. Исто така, стриктно е определен начинот на земање на примерокот, каде примерокот го зема овластено стручно лице, садови во кои се зема примерокот, нотирање на податоците за примерокот (место и време кога е земен примерокот, овластен техничар, како и тип на примерокот), како и начинот на постапување со примерокот од моментот на земање до почетокот на анализата (стерилни садови со определен волумен, температура при транспортот итн (ткн. обезбедување на интегритет на примерокот). Понатаму, анализите се вршат по стриктно определени методи, пропишани со Закон и со соодветни Правилници. Исто така, резултатите се посебно нормирани, значи секој тип на вода се оценува по посебно воспоставени норми и параметри. Пропишан е и начинот на издавање на резултатите. Покрај тоа, резултатите произведуваат правно дејство, како забрана за користење, препораки за претходна обработка на водата пред консумирање итн.
Овој начин на испитување на вода ние воопшто не го работиме, ниту во актуелниот случај, ниту воопшто. За тоа се задолжени и овластени Институции наведени погоре.
2. Микробиолошко испитување на, меѓу другото, и вода, како “Стерилност на предмети, испитување на хигиенски стандарди“ на предмети, меѓу кои се воздухот и водата.
Тука не се работи за вода за пиење, ниту за било како деклариран тип на вода, ниту пак се тврди дека примерокот е воопшто вода. Тука апсолутно не се испитува здравствена исправност. Анализата се врши по принципот на донесен примерок. Се утврдува микробиолошката состојба на донесениот примерок со утврдување на состојбата на примерокот (кој всушност и не мора да е вода). “Донесениот примерок“ значи дека примерокот го донесува непознато лице- клиент, примерокот и не мора да е вода, туку се третира како предмет, без притоа да се декларира место на земање на примерокот, тип на примерокот, начин на земање, стерилност на садот за узоркување, постапувањето со примерокот и одржувањето на интегритетот на примерокот итн. Тоа значи дека клиентот можел, кога на пример непотврдено се работи за вода, примерокот да го донесе во обична тегла или во пластична чашка од јогурт, а да го земе од водовод, од вазната со цвеќе на домаќинката, од блиската бара, од поилото на кравите или од канализација, сеедно. При тоа, лабораторијата нема никакви сознанија, ниту било каква контрола врз сите горенаведени параметри, па ниту одговорност за состојбата, потеклото или интегритетот на примерокот, па спрема тоа лабораторијата издава резултат за микробиолошката состојба на актуелниот донесени примерок, кој е во случајов предмет за општа употреба и како таков се испитува.
Резултатите во овие испитувања не подлежат на никакви норми, како ни толкувањата на истите, освен некоја необврзувачка општа забелешка на лабораторијата во поглед на патогеноста на детектираните микроорганизми.
Резултатите од ваквите анализи не предизвикуваат правно дејство во смисла на забрана или ограничување на користење.
Очигледно, случајот со донесениот примерок за кој се пишува деновиве е работен по процедурата број 2, како предмет за општа употреба.
Притоа, напомнуваме дека нашата лабораторија не доби никакви сознанија за типот на примерокот, време и место на земање на примерокот, постапувањето со примерокот и состојбата на истиот.
Анализата е направена и резултатот издаден спрема принципот на анализа на ’Стерилност на предмети, хигиенски стандарди на воздух и предмети’, за кој нашата лабораторија, како и сите микробиолошки лаборатории, е овластена и акредитирана.
Анализите кои се направени на споменатиот примерок не спаѓаат во доменот на одредување на здравствена исправност на примерокот, претпоставуваме, вода., за што не сме овластени, а такви анализи ние воопшто не изведуваме“, стои во објаснувањето од „Авицена“.
Анализа на вода од истата чешма од каде што била наточена водата со три вида бактерии направи и ЈП „Водовод и канализација“ откако го исконтактирале човекот чии објави на социјалните мрежи предизвикаа паника кај скопјани. Нивната анализа покажа дека водата нема бактерии и дека е исправна за пиење.