Дојче Веле. Бон
Грција бележи драстичен пад на бројот на туристи. Летово ја посетија само 4 милиони. За споредба, во минатата година беа речиси 30 милиони. Сега сите се надеваат дека барем есента ќе биде подобра.
Во воздухот се чувствува мирис на октопод на скара и свежо маслиново масло. Во кафеаната на пристаништето во сликовитиот стар град во Ханија на Крит и летово беа пополнети речиси сите маси. На пријатните вечерни температури во својот годишен одмор уживаа туристи од Германија, Италија, Франција…Но, само неколку улици подолу – сѐ е празно.
Деспина Папатели има апартмани. Поради коронавирусот смеела да почне да ги изнајмува дури од 1 јули. Но, гости на почетокот немало. „Август беше подобар, тогаш имавме околу 50 отсто промет во споредба со минатата година. Секако, многу очекувавме од септември“, раскажува таа.
Но, бројот на заразени со коронавирусот во Грција во август нагло порасна, додуша не толку драстично како во Шпанија и во Франција. „Повторно имавме одреден број откажувања на резервациите. Луѓето не се осудуваа да патуваат. Стравот ги спречи одморот да го поминат во странство“, објаснува Деспина Папатели.
Туристите воодушевени
И уличните свирачи сезонава имаа слаба заработка. Без работа останаа многу келнери, а бројни хотели годинава воопшто не беа отворени. Наместо 30 милиони туристи како минатата година, летово од странство во Грција стигнаа само четири милиони гости.
А оние кои дојдоа, се воодушевени. „Може прекрасно да капе во морето, може да се оди на прекрасни пешачки тури. Добро се јаде, а во споредба со на Балтичкото или на Сверното море тука рестораните се значително поефтини, а многу поповолно е и сместувањето“, раскажува една жена од Штутгарт.
И една млада жена од Берлин е воодушевена. „Мислам дека најголема разлика е тоа што има помалку луѓе. Се забележува оти недостасуваат туристи, но тоа е пријатно, нема гужва“. Таа не се плаши дека за време на летувањето може да се зарази со коронавирусот. Нагласува дека на Крит сите држат растојание и носат маски.
За да се спречи ширење на вирусот, грчката Влада воведе задолжително носење маски во сите туристички подрачја. Тоа значи дека и туристите носат маски, на пример, додека шетаат покрај море. А баровите и клубовите се затвораат на полноќ.
Сите полагаат надежи во октомври
Јанис, сопственик на една кафеана на југот на Крит, кој повремено вози и такси, не знае уште колку долго може финансиски да ја издржи оваа состојба. А не верува ни дека наредната година сѐ ќе биде како некогаш. „Се плашам дека короната нема толку брзо да нѐ напушти. А и кога ќе исчезне, тоа не значи оти туристите веднаш повторно ќе дојдат“, вели тој.
„Но, ако продолжи вака и наредната година, веќенема ништо тука да најдете отворено: ни кафулиња, ни такси, ни кафеани, ни хотели“, им вели Јанис на туристите кога воодушевено му раскажуваат за празните плажи и пешачките патеки. Загрижен е. Се плаши дека финансиски ќе пропадне и оти ќе мора да ја затвори неговата кафеана.
Деспина сепак е оптимистична. Таа се уште се надева на туристи. На крајот од краиштата, летото на Крит трае долго. Таа вели дека октомври е многу убав: „Времето е добро, морето е топло, има уште топлина од летото. Обично имаме убаво време овде се до Божиќ. Пред неколку години, на самиот Божиќ имаше 30 степени!“
Уживање во сонцето и морето кога веќе е есен во Германија – тоа би било можно ако коронавирусот не продолжи да се шири. Грција во моментов, германските власти не ја вбројуваат во ризичните региони. Затоа Деспина се надева дека навистина ќе може да поздрави многу гости на Крит во октомври.