Директорот за спортски и технички прашања на Барселона, Рамон Планес, ја коментираше претстојната разделба со Луис Суарез. Напаѓачот е во потрага по нов клуб, откако Роналд Куман не го сака во својот тим.
– Ние мора да ги почитуваме играчите кои дадоа многу за клубот, а Луис е таков. Но, сега сме во фаза на промена со нов ментор кој има нови идеи. До 5 октомври, кога пазарот ќе се затвори, многу работи можат да се случат. Јавна тајна е дека бараме поддршка за нападот. Но, не секој може да игра за нас. Барселона е голема машина која секогаш го бара најдоброто. Со месеци работиме на подобрување на составот. Потребни ни се играчи кои се и искусни и квалитетни, рече денес Планес.
Тој обрна внимание и на Артуро Видал, кој наскоро ќе се пресели во Интер.
– Ја користам оваа можност да му се заблагодарам за неговиот придонес во тимот во изминатите две сезони. Тој беше важен дел од тимот. Сепак, трансферот сè уште не е факт и не можам да ги потврдам деталите за тоа, додаде директорот.