АД „Пошта“ денеска достави писмо за деловна соработка до сите банки во земјава и до Македонската банкарска асоцијација. Писмото е доставено по вчерашната согласност добиена од Владата за отпочнување на постапка за преговори за склучување на нов договор за услугите за платен промет.
По пропаѓањето на Еуростандард банка преку која „Пошта“ ги вршеше услугите од платен промет, беа стопирани сите услуги од платен промет преку оваа институција.
Заинтересираните банки сега во рок од три работни дена треба писмено да се произнесат дали се заинтересирани за соработка со Пошта за потоа да отпочнат преговорите.
– Во контекст на започнувањето на преговори со деловна банка, а имајќи предвид дека како Акционерско друштво во државна сопственост, својата дејност ја извршува согласно Законот за јавни набавки, укажуваме дека преговорите за соработка со деловна банка согласно член 23 став 1 точка 6 под б за Општи исклучоци од Законот за јавни набавки нема да се спроведува по именуваниот Закон, согласно препораките од Бирото за јавни набавки, кое препорачува договорниот орган да ги запази основните начела на конкуренција и еднаков третман на економските оператори при избор на банка, се вели во соопштението од АД „Пошта“.
Постапката за избор на банка и Писмото за намери беа донесени на денешната седница на Управниот одбор на АД Пошта.