Надоместокот за легализација на тераси во станбени згради и тераси пренаменети во станбен простор ќе биде 61 денар по метар квадратен.
Ова е предвидено со најновите измени во Законот за постапување со бесправно изградени објекти што Владата ги усвои на последната седница.
Со измените се предлага 60 проценти од приходот од надоместокот за легализација да го добива Град Скопје, а останатите 40 проценти за општините во градот Скопје на чие подрачје е изграден бесправниот објект.
– Како ресорно Министерство континуирано и секојдневно го мониторираме одвивањето на процесот на легализација на бесправните објекти со цел тој да заврши што побрзо и ова прашање за сите оние за кои претставува проблем да биде решено, истакна министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на денешната прес-конференција.
Тој нагласи дека со предложените измени се врши и усогласување со новиот Закон за катастар на недвижности, односно се предвидува запишување во јавните книги за недвижности на сите видови линиски инфраструктурни објекти и електронски комуникациски мрежи.
Според податоците на Министерството за транспорт и врски досега се уважени речиси 50.000 барања за легализација.
Министерот Јанакиески апелираше до граѓаните и правните субјекти да ја комплетираат документацијата за легализација затоа што рокот за доставување на геодетските елаборати истекува на 18 јуни 2014 година.
Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски оцени дека со измените ќе им се овозможи на поголем број граѓани кои имаат тераси да ги легализираат. Барањето за измени на Законот за постапување по бесправно изградени објекти, како што рече Трајановски, е на барање на граѓаните кои имаат балкони и тераси во станбените објекти.
Досега надоместокот за легализација на тераси во Скопје во зависност од општините чинеше над 100 евра.