Мароканскиот новинар и активист за човекови права Омар Ради вчера е приведен под сомнение за силување и примање на пари од странство за загрозување на внатрешната безбедност.
Тој е во затвор во Казабланка, а неговото судење ќе почне на 22 септември.
Обвинителството побара од истражниот судија да спроведе истрага за „кривично дело непристојно однесување што довело до насилство и силување“ врз основа на поднесена тужба од една жена.
Против 33-годишниот Ради се води уште една истрага за „перење на пари од странство со цел загрозување на внатрешната безбедност на државата“ и остварување „контакти со агенти на странски држави со цел нанесување на штета на дипломатијата на Мароко“.
Истрагата е отворена во јуни, еден ден откако невладината организација „Амнести интернешенл“ (АИ) соопшти дека е прислушуван телефонот на Раби преку хакерски софтвер, што го користат мароканските власти. Официјален Рабат демантираше дека е прислушуван Ради.
– Ниту сум бил ниту ќе бидам во служба на некои странски власти… Не сум ниту шпион ниту агент платен од странство, изјави Ради за време на сослушувањата, истакнувајќи оти обвинувањата се смешни.
Ради веќе е осуден на четири месеци условна затворска казна бидејќи на Твитер критикуваше еден судија.
Според АИ,, Ради е „храбар новинар“, малтретиран од мароканските власти поради неговата независност.