Африканската свинска чума сè уште е многу важен проблем, кој беснее низ три континенти и како никогаш досега во историјата болеста е толку широко распространета со повеќе милиони погодени животни, носејќи огромни економски трошоци, значителни нарушувања во трговијата и сериозно влијае на руралниот живот, соопшти Организацијата на ОН за храна и земјоделство.
Со цел справување со болеста, која од 2007 година започна прогресивно да се шири од Грузија низ Европа, при што во епидемиолошка форма се појави и во Србија, Бугарија, Романија и Грција и претставува закана за целиот балкански регион, ФАО од денеска започна онлајн обука на српски јазик за околу 350 ветеринари од Балканот, вклучувајќи ги Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Косово, Црна Гора, и Србија. Обуката ќе трае шест недели во текот на јули и август.
– За да се оптимизира подготвеност, рано откривање и одговор на можен влез на африканската свинска чума, важно е што е можно повеќе да се обучат оние во првата линија на одговор – ветеринарите, вели Даниел Белтран-Алкрудо, експерт на ФАО за здравје на животните.
Според него, Балканот е во голем и непосреден ризик од влез на африканската свинска чума и треба соодветно да се подготви.
За да се олесни подготвеноста за справување со болеста, ФАО започна со стандардизирање на материјали за обука, вклучително презентации, упатства и други материјали, што во случај на вонредна состојба овозможува брзи преводи, прилагодување кон спецификите на државите и пренесување до што е можно повеќе ветеринари преку обука за обучувачи. Ваквиот пристап веќе се покажа како ефикасен на Балканот во периодот 2018-2019 година, се додава во соопштението на ФАО.
Сепак, како што посочува Организацијата, дури и со вакви тренинзи, таа не можеше да се справи со огромната и растечка побарувачка за обуки за болеста од земјите со висок степен на ризик или заразување.
– Затоа, беше донесена одлука да се премине на Интернет обуки, што нуди неколку предности: лесно е и економично да се надоградат, може да вклучат стотици луѓе од различни локации и им овозможува на учесниците да учат според нивно темпо, во време кога нив им одговара. Во време на ограничувања за патувања и состаноци заради пандемијата Ковид-19, учењето преку Интернет станува уште поважно, се нагласува во соопштението.
За наставните програми за обуката се користи Прирачникот на ФАО за рано откривање и дијагностицирање на африканска свинска чума, кој е достапен на неколку јазици и чија содржина е креирана од тим на експерти за болеста, вклучувајќи ги и Институтот „Фридрих-Лефлер“, ветеринарната служба на Литванија, референтниот центар на ФАО за африканска свинска чума. Проектот е поддржан од Европската комисија за контрола на болеста шап и лигавка (ЕУФМД).
Курсот содржи седум модули за обука кои опфаќаат низа теми, како влијанието на болеста, клиничката и лабораториската дијагностика, епидемиологија, истрага за појава на епидемии, контролни мерки, биосигурност и африканска свинска чума кај диви свињи. Обуката започна со вебинар, кој објаснува како ќе се одвива обуката и со претставување на обучувачите, кои се експерти во дијагностика, епидемиологија или контрола на африканска свинска чума.
– Учесниците имаат пристап до материјали за обука, форум за дискусии, снимки на веб содржините и список на дополнителни ресурси. Бидејќи курсот е отворен во времетраење од шест недели, секоја недела е опфатена специфична тема со користење на форум за дискусии, каде учесниците и обучувачите можат да дискутираат и да комуницираат. Обучувачите објавуваат прашања за да ги предизвикаат учесниците и да го продлабочат разбирањето на материјалот. Курсот завршува со проценка на курсот и завршен вебинар, кој опфаќа теми кои биле или тешки за учесникот или предизвикале најголема дискусија на форумот. На учесниците кои ги завршуваат сите потребни задачи и го положуваат оценувањето на крајот од курсот, им се доделува сертификат. Учесниците на крај можат да дадат предлози за натамошно подобрување на курсот, се нагласува во соопштението на ФАО.